Повеќе десетици илјади лица синоќа протестираа во Чиле на повик на најголемиот чилеански синдикат, а во текот на протестите полицијата уапси вкупно 67 лица, додека шестмина полицаји беа повредени во судирите со демонстрантите.
Според податоците на организаторите, на протестот во чилеанската престолнина присуствувале околу 150 илјади лица, додека проценката на градските власти е помала и изнесува 30 илјади лица.
Помала група на маскирани демонстранти се судрија со полицијата, фрлајќи кон нејзините припадници молотови коктели, а исто така запалија и еден градски автобус.
Чилеанскиот Централен работнички синдикат го осуди насилството. Оваа организација исто така ги повика работниците на штрајк со цел подобрување на условите на работа, но на тој повик, според податоците на чилеанскиот министер за внатрешни работи Андрес Чадвик се одзвале само 6,4 отсто од вработените во јавниот сектор.