Во бомбашки напад во близина на џамија во јужен Ирак, загинаа најмалку 40 луѓе, а повредени се стотина луѓе.
Нападите врз ирачките шиити продолжуваат со несмалена жестина.
„Најмалку 40 лица загинаа, а стотина се повредени во експлозија на камион-бомба паркиран на пазарот во центарот на градот”, изјави локален полициски функционер.
Според ирачките власти, нападот во јужноирачкиот град Диванија се случил на пазар полн со луѓе.
Во околната џамија шиитските аџии се собирале за пат за Кербела, каде требало да го прослават раѓањето на еден од нивните најважни имами. Според полициски извори, бомбата била сокриена во камион.
Веднаш по експлозијата полициските власти во градот со 440 илјади жители прогласиле полициски час во градот и околината. Престрелките и бомбашките напади се секојдневие во Ирак.
Најчести цели се безбедносните сили и припадниците на шиитската задница.
Претходно во вторникот во две синхронизирани експлозии во светиот град Карбала, 110 километри јужно од Багдад загинаа четири шиитски аџии а најмалку 21 беа повредени.
Во последните недели во Ирак насилството бележи пораст. Во јуни, според агенцијата Ројтерс, загинале 237 луѓе, а повредени се 603. Поради зголемувањето на насилството постојат стравувања дека конфликтот меѓу сунитите и шиитите би можел повторно да се разгори.