Палестинското исламистичко движење Хамас, кое владее со Појасот Газа, денеска апелираше до странските земји да престанат да даваат помош за Газа со падобран, бидејќи официјални лица и хуманитарни работници објавија дека 18 лица загинале при обидот да фатат пакети со храна на северот од територијата.
Наместо тоа, Хамас бара Израел да дозволи повеќе камиони со помош да влезат во опколениот Појас во време кога ОН предупредуваат дека тамошното население е на работ на глад поради израелската блокада.
Борбите во Газа продолжуваат со несмалено темпо еден ден по усвојувањето на првата резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се бара „итен прекин на огнот“ во најкрвавата војна во Газа предизвикана од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година.
Јордански, американски и други авиони фрлаат храна со падобран, иако официјални лица и агенции на ОН предупредија дека таквата помош не е доволна за да ги задоволи потребите на 2,4 милиони луѓе и е далеку понеефикасна од копнената испорака.
Јордански, египетски, емиратски и германски авиони денеска повторно со падобран исфрлија храна и друга помош од авионите, а Палестинците трчаа да ја фатат.
При ваквите достави на храна шест лица загинаа во грабеж, а 12 се удавија во Средоземното Море, објавија владата на Хамас и Евро-медитеранскиот монитор за човекови права со седиште во Швајцарија.
Во соопштението Хамас побара таквите операции веднаш да престанат и итно и брзо да се отворат копнените премини за да се овозможи хуманитарна помош да стигне до палестинскиот народ.
Детскиот фонд на ОН, УНИЦЕФ, процени дека многу повеќе помош мора брзо да се достави до Газа по копнен пат наместо по воздух или море за да се спречи неизбежен глад.
Портпаролот на фондот, Џејмс Елдер, преку видео-врска од Газа пренесе дека пакетите со помош се фрлаат со падобран од авиони во изолирани области, кога нема друг начин, и дека сега помошта е на дофат на Газа, во Египет, неколку километри од нејзината јужна граница.
„Мораме да ја користиме патната мрежа“, рече Елдер.
По речиси шест месеци, израелската армија ја продолжува борбата против Хамас без изгледи да се откаже; а денеска беше објавено дека воени авиони нападнале повеќе од 60 цели, вклучително и тунели и згради каде што „биле забележани вооружени терористи“.