Најмалку 15 лица се убиени а други 25 се ранети во самоубиствен бомбашки напад изведен со автомобил бомба во саботата наутро на пазар во градот Дара Адам, јави пакистанскиот портал Dawn.
Цел на експлозијата на автомобилот бомба на пазарот Кел Џанан во Дара Адам биле простории на локалниот мировен комитет на антиталибанска милиција.
Од силната детонација биле уништени повеќе од 20 објекти и се стравува дека бројот на жртвите може да се зголеми, бидејќи од повредените петмина се во критична состојба. Телата на загинатите и повредените, меѓу кои две се деца, се пренесени во болницата во Дара Адам и во покраинскиот административен центар Пешавар.
Министерот за информации на пакистанската покраина Кибер Пактунква, Ифтикар Хусаин за Dawn потврдил дека цел на нападите биле припадници на антиталибанската полиција, како и дека веднаш почнала операција на трагање по напаѓачите.
Пакистанската армија, којашто инаку е една од најмоќните и најбројни на светот, започна неколку големи офанзиви против талибаните. Меѓутоа операциите кои се концентрирани против талибанските и бунтовничките упоришта во северозападните паштунски племенски области близу границата со Авганистан, сепак не ги дадоа посакуваните резултати и не успеаја да го скршат отпорот на талибаните.
Поради тоа централната влада во Исламабад склучува договор со локалните паштунски племиња кои ја заживуваат вековната традиција на локални милиции и со владина поддршка влегуваат во судири со талибаните кои го нарушуваат нивниот клановски авторитет. Поради тоа припадниците на овие милиции се почесто стануваат цели на нападите на радикалните исламистички бунтовници.