Американски судија вчера дозволи група од 14 држави да поднесат тужба со која се оспоруваат напорите на Илон Маск како шеф на Одделот за владина ефикасност (DOGE) во администрацијата на претседателот Доналд Трамп за намалување на федералните трошоци.
Судијката на Окружниот суд во Вашингтон, Тања Чуткан, сепак, ги отфрли тужбите на државите против самиот Трамп, велејќи дека нејзиниот суд нема да се обиде да се меша во „извршувањето на неговите службени должности“ како претседател.
Според нејзината пресуда, тужбата може да продолжи бидејќи е убедливо дека активностите на Маск за намалување на трошоците биле „неовластени со кој било закон“.
Јавните обвинители на Ново Мексико, Орегон и 12 други држави ја поднесоа тужбата во февруари, тврдејќи дека Трамп му дал на Маск „непроверено законско овластување“ без одобрение од американскиот Конгрес. Според Ројтерс, тужбата има за цел да ги запре напорите на DOGE да ги намали федералните трошоци и да ги затвори американските агенции што Трамп не ги сака.
„Судот е во право. Уставно, Маск не може да ја води федералната влада доколку не биде потврден од Сенатот“, изјави во вторникот јавниот обвинител на Орегон, Ден Рејфилд.
Белата куќа и јавните обвинители на неколку други држави кои поднесоа тужба не одговорија веднаш на барањата на Ројтерс за коментар, ниту пак самиот Маск.
Државите тврдат дека Маск има таква моќ што може да ја има само владиниот функционер назначен од претседателот и потврден од Сенатот, и дека самиот ДОГЕ не е овластен од Конгресот.
DOGE укина илјадници работни места и програми во федералните агенции откако Трамп се врати на функцијата во јануари и го инсталираше Маск за да го елиминира, како што велат, расипничкото трошење, според Ројтерс.