Владиката г.г. Стефан забрани погреби за време на празнувањето на Св. Никола и правилото почнува да се применува од оваа година. Починатите од сабота, недела и од понеделник ќе се погребуваат во вторник. За измените, семејствата на починатите ги известува погребалната служба, која работи на Градските гробишта во Бутел.
„За забраната не знаеше ниту попот кому му се јавивме за погребот. Се јавуваше некаде да праша. И нему не му се веруваше, но ни рече дека навистина има забрана од оваа година, па договоривме погреб во вторник“, вели скопјанец, кој викендов имал смртен случај во семејството, а починатиот веднаш бил пренесен во капелата на Градските гробишта во Бутел.
Скопската православна епархија за „А1он“ потврди дека нема погреби за време на празнувањето на Св. Никола, но верниците ќе треба да ги одложат погребите и за време на Божиќ и Велигден.
„По барање на целокупното свештенство од Скопската православна епархија, а за што се известени и директорите на АД ‘Бутел’ – Скопје, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан дал благослов на денот на празнувањето на Св. Никола да не се извршуваат погребенија, пракса што црквата ќе ја применува и за саботните задушници, како и за празниците Божиќ и Велигден“, кусо објаснуваат за „А1он“ од Скопската православна епархија.
Од управата на Градските гробишта „Бутел“ за „А1он“ неофицијално појаснија дека забраната се однесува на верските обреди поврзани со погребите, а не и на самиот чин на погребување. Доколку некој реши, погреб може да се организира, вклучително со изложување на починатиот во капела, но нема да има поп. Нивните служби се достапни за граѓаните без прекин во текот на целата година.
„Погребите ги организираат операторите на погребални услуги и за нив, по барање на странките, тие или самите странки организираат услови за верски обреди. Доколку операторот и странките ги организираат сите претпоставки за погреб, вклучително и верските обреди по избор на странката, АД ‘Бутел’ обезбедува термин што соодветствува со барањето на операторот“, велат од АД „Бутел“ – Скопје.
Денес и вчера, капелата беше затворена, немаше изложување на починатите. За тоа сведочат и продавачите на цвеќе спроти капелата. Тие се потсетија дека погреби годинава немало и за Задушница, кога има голем метеж на гробиштата.
Починатите од викендов се во ладилниците на капелата на Градските гробишта во Скопје. Од АД „Бутел“ – Скопје велат дека услугата за 24 часа чини 250 денари и тие ќе им фактурираат на семејствата онолку колку што починатите ќе останат кај нив. Отстапки поради забраната нема. Управата вели дека нема официјално известување за забраната од МПЦ.
„А1он“ од МПЦ побара дополнително објаснување за причините поради кои свештенството барало забрана за погребување, кога стапила на сила одлуката и кој е се е обврзан да ја почитува. Од таму најавија одговори во следните денови.