Црногорската полиција изутринава ги прекина протестите на опозициониот Демократски фронт по дваесетдневното протестирање во центарот на Подгорица со барање за оставка на Мило Ѓукановиќ.
При интервенцијата, уапсени се двајца пратеници, Славен Радуновиќ и Владислав Бојовиќ, додека пратеникот Милан Кнежевиќ заврши во Ургентниот центар откако бил испрскан со солзавец во лицето. Во разбивањето на протестот учествуваше и комуналната полиција.
Според информации на опозициониот блок, еден пожарникар го удрил со бокс пратеникот Бранко Радуловиќ, а брутално бил претепан и уредникот на порталот IN4S, Гојко Раичевиќ, по што бил уапсен.
Полицијата ги известила демонстрантите дека протестот е забранет, и во шест часот изутрина почнала полициската акција за негово разбивање.
Силни полициски сили од утрово го обезбедуваат центарот на Подгорица, а шаторите и бината се отстранети од просторот пред црногорското собрание, каде демонстрантите протестираа 20 дена.
Опозицијата соопшти дека примената на брутална полициска сила против ненасилните и мирни протести е дело на режимот на Мило Ѓукановиќ, кој според неа одлучил да влезе во последната насилна фаза од сопственото диктаторско владеење.