Во петок на 31 октомври на локации во Велес и околонита ќе почне снимањето на играниот филм „Ослободување на Скопје“, ќе се снима и во Битола и во Скопје, а снимањето ќе заврши на 19 декември.
Режисерот Раде Шербеџија, како копродуцент и една од главните улоги им ги доверил на своите син и ќерка Данило Шербеџија и Луција Шербеџија.
Тој рече дека е благодарен на министерката Елизабета Канческа Милевска што лично се заложила овој филм да добие пари, како и на премиерот Груевски, кој, како што рече Шербеџија, го прочитал сценариото и му се допаднало. Автори на сценариото се Душан Јовановиќ и Шербеџија.
– Филмот Ослободување на Скопје беше мој сон. Пред 6 години аплициравме во Фондот и бевме одбиени, не се навредив, сигурно дека имало подобри сценарија од нашето, но и натаму настојувавме да го работиме тој проект и потоа пред 2 години добивме поддршка од Министерсвото за култура и мора да ја споменам министерката за култура Елизабета, која инаку ја викаме Бети и која од самиот почеток кога разговаравме, го препозна сценариото и навистина многу направи за да се случи тоа сценарио и целиот проект и да добиеме поддршка. Исто така, добивме поддршка и од страна на премиерот, кој исто го прочита сценариото и му се допадна. Свесен сум дека и политиката се вклучи во проектот, но изгледа дека така испадна и среќен сум зашто направија добра одлука, рече Шербеџија.
Продукцијата на филмот е на „Партизанс“, „Лијени филм“ од Хрватска и „Арт филмс“ од Финска. продуценти има четворица: Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола и двајца копродуценти: Данило Шербеџија И Арто Халонен од Финска.
Финасиска поддршка добил од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот фонд на Финска, хрватскиот Аудиовизуелен центар и од европскиот гонд за филм Еуроимаж.
Како што информираше продуцентот Роберт Насков, од Македонија Шербеџија добил 1 милион и 250 илјади евра, од Еуроимаж 310 илјади евра, а вкупнио буџет на филмот е 2 милиони и 110 илјади евра.
Копродуцентот Данило Шербеџија е и ко- режисер на овој филм и вели дека и тој е врзан за овој проект речиси сиот свој живот.
-Како десетгодишно дете го глумев Зоран, така што и за мене е значајно што го работам филмот и што работам со мојот татко, што го имаме Влатко кој во тоа време направи музика што за мене во она време беше нешто феноменално. Ги имаме сите предуслови да направиме одличен филм, рече Данило Шербеџија.
Сценариото се базира врз драмскиот текст на култната претстава од осумдесетите години, но претпрел измени за потребите на филмот. Актерската екипа ја сочинуваат Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, финскиот актер Мико Ноусиаинен, Луција Шербеџија, српскиот актер Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула, Аксел Мехмед.
Улогата на детето Зоран ја игра десетгодишниот Давид Тодосовски, за кој Шербеџија рече дека бил како Марлон Брандо. Луција Шербеџија рече дека немала против нејзината улога да ја игра и Кејт Бланшет или Анџелина Џоли, но татко и рекол дека таа е совршена за улогата на Лица.
– Како што растеше продукцијата му реков: Тато знам како оди тоа во филмскиот свет, ако најдеш некое звучно име како Кејт Бланшет или Анџелина Џоли или некој друг што ќе се согласи, нема проблем нема да се лутам, а тој ми рече – ти благодарам, но не знам ниедрна друга глумица со толку тажен поглед, раскажува Луција Шербеџија.
Силвија Стојановска е убедена дека овој филм ќе стане култен филм за Скопје.
– Не знам колку знаете, но Душан Јовановиќ еден дел од своето детство го има поминато во Скопје за време на Втората светска војна тој живеел тука, така што овој текст е дел имагинација, а дел вистинска приказна за вистински луѓе кои што тогаш живееле, веројатно биле комшии или пријатели на Јовановиќ. Многуи сум среќна што мојот град Скопје ќе добие филм со името во насловот, за кој верувам дека ќе биде култен филм за овој град, рече Стојановска.
Автор на музиката исто, како и за легендарната претстава е Влатко Стефановски заедно со Туомас Кантелинен.
– Верувам дека ќе одговорам на предизвикот на продуцентите и на режисерот и ќе успеам да направам музика која нема да биде помалку значајна од самиот филм, рече Стефановски.
Директорот на фотографија Дејан Димевски рече дека се радува што за разлика од повеќето филмови во Македонија кои се снимаат во лето, овој ќе се снима во есен бидејќи тогаш боите и светлото се навистина интересни. Дизајнер на продукција е Иван Бартлчинг, костимите се на Жељка Франуловиќ, а дизајнот на шминката е на Ана Булајиќ Чрчек. Филмот “Ослободување на Скопје“ треба да биде готов до јули 2015 година.
А.Б.