(ВИДЕО) Се урнаа три ката од зграда во Истанбул, меѓу затрупаните има и деца

Од:

Трите долни ката од станбена зграда со седум ката се урнаа утринава во истанбулската населба Џевизли, во општината Малтепе, а спасувачките екипи сè уште трагаат по луѓе кои можеби се наоѓаат под урнатините.

Според последните информации од турските медиуми, осум лица, меѓу кои и три деца, се извлечени живи од урнатиот дел на зградата. Во тек е потрага по уште шест лица.

Уривањето се случило околу 5:40 часот наутро по локално време на улицата Догу, во населбата Џевизли.

Според податоците објавени од агенцијата „Анадолија“, се урнале првите три нивоа од седумкатницата, додека горните катови останале да стојат. Станарите од деловите на зградата што не биле зафатени од уривањето се евакуирани од објектот.

На местото на несреќата веднаш биле испратени припадници на турската Управа за управување со вонредни состојби (АФАД), пожарникари, Националниот тим за медицинско спасување (УМКЕ), полиција и медицински екипи. Во потрагата се користат и кучиња-трагачи, а на терен се испратени бројни специјализирани возила и градежни машини.

Според агенцијата „Анадолија“, во акцијата учествуваат 56 противпожарни возила со 175 припадници, додека АФАД (AFAD) ангажираше пет возила, 25 припадници и две кучиња за пребарување на урнатините.

Патиштата во близина на зградата се затворени, а пошироката област околу објектот е оградена од безбедносни причини.

Посебен проблем претставува опасноста од дополнително уривање на преостанатите делови од зградата. Поради тоа, спасувачите влегуваат во објектот контролирано и внимателно, додека истовремено продолжува пребарувањето на урнатините.

Според извештаите, од претпазливост биле евакуирани и околните згради.

Зградата е изградена во 1987 година и, според податоците објавени од турските власти, во неа биле пријавени 33 станари.

Во делот од зградата што се урнало имало четири стана, додека деловниот простор во приземјето, според агенцијата „Анадолија“, бил празен.

Причината за уривањето засега е непозната. Властите покренаа истрага за да утврдат што довело до уривање на долните катови. Во турските медиуми се појавија разни шпекулации за можни структурни проблеми, но ниту едно од тие тврдења досега не е официјално потврдено како причина за несреќата.

Спасувачката операција продолжува, а екипите се обидуваат да стигнат до сите лица за кои се верува дека се наоѓаат под урнатините.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Катастрофа за неколку секунди: Се урна станбена зграда во близина на Валенсија

(ВИДЕО) Се урнаа две згради во Истанбул – неколкумина затрупани под урнатините

А1он

Родители и две деца загинаа во уривање на зграда во Турција, најстарата ќерка е спасена

(ВИДЕО) Се урна зграда во Турција, во тек е спасувачка акција по „заробените“ во урнатината

Четири лица загинаа при уривање на зграда во центарот на Мадрид

(ВИДЕО) Мадрид: Се урна зграда, 10 повредени, четворица се исчезнати