Буџетот во културата за 2018 година е развоен буџет, со кој ги кратиме мегаломанските и непродуктивните трошења на парите на граѓаните, вложуваме повеќе пари директно во културата и уметноста, потенцираше министерот за култура Роберт Алаѓозовски на денешната прес конференција во Владата на која беше претставен буџетот за култура за 2018 година.
За културата Владата, за идната година издвои 4 милјарди 268 милиони и 497 илјади денари, односно 69 милиони и 406 илјади евра. Споредено со лани тоа е зголемување за 4,48 отсто. Ако се спореди со буџетите на земјите во регионот, процентот од 2 отсто од вкупниот владин буџет што се излева за култура, е најголем.
Најмногу пари поточно 92 отсто од вкупниот буџет ќе бидат за финансирање на дејностите во областа на култура а само 8 отсто за трошоците на администрацијата.
Како наследени обврски за финансирање е сервисирање на обврските за изградбата на Македонската филхармонија со 600 милиони денари, потоа 13 отсто ќе се потрошат за изградба на Албанскиот театар во Скопје и Театарот и Библиотеката во Тетово, 12 отсто за драмската дејност, 11 отсто заштита на културното наследство, 9 отсто за музичко и сценско -уметничката дејност, 7 отсто за фолклорната и сценско-уметничката дејност, 6,9 отсто за музејската дејност, 6,3 отсто се за блок-дотациите до единиците на локалната самоуправа, а околу 4 отсто или 154.5 милиони денари за Агенцијата за филм.
Алаѓозовски вели дека со ова се става крај и на проектот „Скопје 2014“, но изградбата на спомен обележјето на Мајка Тереза и Офицерскиот дом ќе продолжи.
„Во овој момент работната група за Скопје 2014 ги утврдува штетите од Скопје 2014 и со ревизијата натаму ќе решиме што че се прави со нанесената штета. Што се однесува до започнатите и недовршени градби како споменикот за Мајка Тереза и Офицерскиот дом, тие ќе продолжат но ќе се отсрани се што е предвидено како дополнителен кич-трошок, како позлатени фигури и слично. Според проценките ова нема да чини многу“, рече Алаѓозовски.
Тој истакна дека наследените сервисирања како што е изградвата на Албанскиот театар, се бидејќи претходната власт иако требало да ги доврши овие обврски, таа средствата ги пренаменувала за други проекти.
Како важен капитален проект за идната година се издвојува инвестицијата од 10 милиони денари за реконструкција на Офицерскиот дом во Битола и 10 милиони денари за изградба на Спомен обележје на Тоше Проевски. За капитални инвестиции ќе се сметаат и санација на покривите и други ургентни инвестиции за обезбедување на елементарни услови во културните установи.
Новина е зголемувањето на буџет за финансирање на активности за европски интеграции, за што се предвидени 20 милиони денари односно 90 отсто повече од лани, а исто така за прв пат 28 милиони денари ќе бидат инвестирани во нови мултидисциплинарни и модерни уметнички изрази.
А.В.