Во кривичниот суд во Скопје утрово почна судењето за тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци. Во претесната судница на обвинителна клупа седнаа сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, вработениот во „Дурмо Турс“, Ремзи Мифтари кој претходно бил осудуван, машинскиот инженер порано вработен во техничкиот преглед, Игор Ѓорѓиевски, исто така и Горан Дуковски, Јане Боваровски и возачот Маноил Трифуновски.
Во судницата беа присутни и нивните адвокати, како и адвокати на оштетените.
Предметот го застапува скопскиот обвинител Дарко Јакимовски, а го судат Диана Груевска Илиевска и Александра Ристеска и тројца судии поротници.
Обвинителот Јакимовски во воведните зборови рече дека судиите ќе судат за катастрофалните последици кои можело и морало да бидат избегнати.
„Дејствијата на овие обвинети се во директна врска со настапената последица која резултираше со смрт на 16 лица, патници во автобусот, а 38 лица се здобија со телесни и тешки телесни последици. Не постои криминален ребус кој не може да се одгатне. Овој настан е кумулација на голем број пропусти кои не настанале спонтано“, рече Јакимовски.
Во предметот обвинетите се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кои резултираа со тешката сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 38 беа повредени.