(ВИДЕО) Господинов: Во Бугарија нема да ми веруваат колку публика имам во Македонија

Од:

Најзначајниот бугарски современ писател Георги Господинов, во четвртокот гостуваше во Скопје на промоцијата на неговиот роман „Физика на тагата“ што ја издаде издавачката куќа „Или – или“, во превод на Душко Крстевски. Клубот ГЕМ каде што се одржуваше промоцијата беше претесен за публиката, па организаторите ставија и видео бим, за тие што не успееја да влезат.

– Многу се радувам што сте толку многу и дозволете ми да да ве фотографирам, бидејќи во Бугарија нема да ми веруваат колку публика имам овде, рече Господинов.

Тој на промоцијата на романот „Физика на тагата“ говореше за искуствата што се вградени во книгата, за патувањата, за неговите сеќавања од детствто во социјалистичка Бугарија, кога не можело да се патува, за тоа зошто чувствува страв и нелагодност во шест часот попладне, во недела…

– Има една особена бугарска траума, а тоа е дека во она време, во средината на 20. век, во социјализмот, всушност ние не можевме да патуваме, не можеше да се излезе надвор, тоа е особена драма. Тоа отсуство на светот, откажаност од светот, тој е таму каде ти не можеш да отидеш, тој може да дојде кај тебе преку некои мали кичести нешта како Ајфелова кула со термометар, има еден виц за Бугаринот што отишол во Париз и вртел кругови околу Ајфеловата кула да го најде термометарот…тоа се смешно – тажни стории, но тоа е важно сеќавање и се надевам дека може да се преработи во литература. Јас сакав да го расакажам тоа чувство, тие бугарски таги, бидејќи тагата има специфика во нашите краеви, вели Господинов

Разговорот со Господинов го водеше познатиот македонски поет Никола Маџиров, а романот го претстави професорката Маја Бојаџиевска.

– Романот „Физика на тагата“ според сите правила беше литературна бомба во Бугарија во 2012, но и потоа, првото издание на романот се продало за 24 часа. Романот, во некоја едноставна, сведена смисла, како свој нуклеус ја носи реакцијата на Господинов на некои стереотипни истражувања во врска со еден напис на лондонски „Економист“ кој се однесува на некаква диспозиција на источноевропскиот темперамент. Ако на романот му пристапиме од тој агол – вистина е дека Господинов се обидува да раскаже приказна, да раскаже низа приказни, фрагменти од приказни за тоа најтажно место, што е и наше, рече професорката Бојаџиевска.

Господинов ја повикуваше публиката да му поставува прашања, но малкумина се охрабрија, затоа пак тој остана уште два часа за да потпишува книги и да поразговара со читателите.

Во Македонија се издадени неговите дела „Природен роман“, „И други приказни“ (Темплум), „Балади и распади“ (Блесок) и сега „Физика на тагата“ во издание на Или – или.

Во последниве години авторот постигна успех и во САД, а позитивни рецензии за неговите дела излегоа во „New Yorker“, „NY Times“, „Village Voice“… Неговиот последен роман, „Физика на тагата“, беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: „Premio Strega Europeo“, „Haus der Kulturen der Welt“, „Brücke Berlin Preis“.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска