Францускиот тенисер Гаел Монфис се прости од Грен слем тенисот откако беше поразен од младиот Американец Лернер Тиен во второто коло на УС Опен со резултат 3:0 (6:3, 6:4, 6:3).
Gael Monfils says one last goodbye to the U.S. Open crowd.
He just played the last Grand Slam match of his career.
One of the most gifted athletes to ever play this sport. 🥹
🇫🇷❤️ pic.twitter.com/uJfT20Ocdf
— The Tennis Letter (@TheTennisLetter) September 4, 2026
Искусниот 40-годишен Французин, кој претходно најави дека ќе се повлече од професионалниот тенис на крајот од тековната сезона, не успеа да најде решение за играта на 20-годишниот Тиен, кој е роден само два месеци откако Монфис дебитираше на терените во „Флашинг Медоус“ во 2005 година.
На стадионот „Луис Армстронг“ се одвиваа исклучително емотивни сцени. Публиката го испрати Монфис со громогласни скандирања на неговото име и овации на нозе што траеја неколку минути.
Организаторите на турнирот му приредија посебно испраќање на Французинот – на големиот екран беше прикажан колаж од неговите најдобри потези во Њујорк, а му беше врачен и пригоден постер.
– Ова беше неверојатно патување. Чест ми беше да играм пред вас сите овие години. Секогаш се трудев да го дадам најдоброто од себе, да играм врвен тенис, но и да приредам шоу за вас. Никогаш нема да ја заборавам љубовта што ми ја дадовте – рече Монфис во своето последно обраќање пред њујоршката публика.
Монфис се повлекува со значајно достигнување на својот последен Грен слем – стана најстариот играч што остварил победа на УС Опен по легендарниот Џими Конорс во 1992 година. Сепак, младиот Тиен, кој побара и доби автограм од Монфис откако го победи во Монтреал минатиот месец, и овој пат беше подобар и го спречи Французинот да стане најстариот учесник во третото коло во последните половина век.
Покрај тениските подвизи, Монфис ќе го памети овој турнир и по емотивниот настап во мешани двојки со неговата сопруга Елина Свитолина, што, како што низ шега истакна, беше „прв и последен пат“ кога настапиле заедно на турнирот.
Што се однесува до идните планови, Монфис потврди дека веќе потпишал договор со швајцарска компанија, каде што ќе работи во секторот за управување со имот.
„Дефинитивно ќе останам со Елина и со тенисот, но отсега повеќе ќе бидам човек од светот на финансиите“, заклучи популарниот „Ламонф“.
Покрај Монфис, овогодишниот Ју-Ес опен беше последен Грен слем во кариерите на Јапонецот Кеи Нишикори и Швајцарецот Стан Вавринка.
