Судот им изрече затворски казни од девет години на Бојан Јовановски и седум години на Катица Јанева откако вчера ги прогласи за виновни во случајот „Рекет“. По објавувањето на пресудата незадоволство од изречените казни изразија и одбраната и обвинителството, а најавија и жалби.
Одбраната на Катица Јанева рече дека се разочарани од пресудата и казните кои ги слушнале и најави дека ќе се жалат и ќе поднесат жалба до повисоките судови.
– Се надеваме дека повиосоките судови ќе имаат поголем сенс за правда и правичност, за носење на одлуки кои се базираат на докази. Ќе се бориме до крај како одбрана и пред домашните и пред сите меѓународни судови, изјави адвокатката Ирена Фрчковска.
Бранителот на Бојан Јовановски, адвокатот Сашко Дуковски, по објавувањето рече дека пресуда била очекувана од почетокот на овој судски процес.
– Знаевме дека ќе биде вака брутална казна и оваа пресуда најмалку се заснова на докази. Мене навистина не ми е јасно на какви докази, но тоа е тоа. Овдека не завршува нашата борба, изјави Дуковски.
Јавната обвинителка Вилма Русковска, исто така, најави жалба и за двете пресуди, но откако ќе ја добие на писмено пресудата.
– Апсолутно не сум задоволна со пресудата за Бојан Јовановски, за кого реално не очекував под десет години казна затвор. Што се однесува до веќе осудената Катица Јанева очекував меѓу седум и осум години затвор, изјави вчера Русковска.
На објавата на пресудата во големата сала на Врховниот суд во Скопје присуствуваше само првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, додека второобвинетата Катица Јанева не дојде во судот и одлуката ја слушна во домашен притвор, каде ќе остане до правосилност на пресудата, бидејќи судот го отфрли предлогот на обвинителството за замена на мерката куќен притвор со притвор. Судот го прифати предлогот на обвинителството и Јовановски останува во притвор.
Јовановски судот го прогласи за виновен за сторените кривични дела – „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, а Јанева за „злоупотреба на службена положба и овластувања“.
Судијката Николовска Масевска, при објавување на пресудата рече дека во казната ќе им се пресметува времето поминато во притвор.
– Обвинетата Катица Јанева го прифатила влијанието на Бојан Јовановски и го пречекорила своето овластување и за себе прибавила значителна имотна корист – мебел и 50 илјади евра. Обвинетата Катица Јанева, во ноември 2018 година предложила мерка притвор за обвинетиот Јордан Камчев во предметот „Империја“. Со влијание на Бојан Јовановски на 24 декември до Апелациониот суд Скопје предложи мерката притвор да се замени со мерка куќен притвор, рече судијката во пресудата.
Во образложението за пресудата против осомничениот Бојан Јовановски, судијката Масевска истакна дека обвинетиот со незаконски прибавени средства купил луксузни облеки од различни светски брендови. Освен казна затвор од девет години, на Бојан Јовановски судот донесе одлука за да му се конфискуваат 12 илјади евра.
Судењето за предметот „Рекет” почна во ноември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај обвинетитот Зоран Милевски-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се водеше судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството.