(ВИДЕО) Историска пресуда во САД: Тинејџер изврши масакр, виновни се родителите

Од:

Таткото на тинејџерот кој уби четири лица во своето одделение е прогласен за виновен за убиство од небрежност. Инаку, Итан Крамбли отслужува доживотна затворска казна откако уби три соученички и еден соученик во средното училиште Оксфорд, во близина на Детроит, Мичиген, во ноември 2021 година, кога имаше 15 години.

Неговата мајка, 45-годишната Џенифер Крамбли, минатиот месец веќе беше прогласена за виновна по четири точки од обвинението за ненамерно убиство. Вчера беше осуден и неговиот татко, 47-годишниот Џејмс Крамбли. Ова е прв случај во кој родители се обвинети за кривично дело извршено од нивното дете.

Престрелките во училиштата се релативно чести во САД. Експертите за безбедност на оружје се надеваат дека овој случај ќе послужи како предупредување за родителите да ги чуваат пушките во своите домови на безбедно место, подалеку од дофат на деца. Според владините истражувања, 75% од стрелците во училиштата користат оружје пронајдено во нивните домови.

Обвинителката Карен Мекдоналд ѝ кажа на поротата како Џејмс Крамбли постојано ги игнорирал предупредувачките знаци дека неговиот син е длабоко вознемирен. Таа го обвини дека не барал помош за својот син и дека не направил доволно за безбедно складирање на огнено оружје во семејната куќа, пишува Sky News.

Мекдоналд, исто така, ги презентираше пораките што Итан ги испратил на пријател и записите во дневникот во месеците пред пукањето. Таа рече дека Итан јасно кажал дека сака медицинска помош и дека слуша гласови, но бил загрижен дека неговиот татко ќе биде „лут“.

Во порака до пријател, Итан вели дека побарал од татко му да го однесе на лекар, но дека му дал „некои апчиња“ и му рекол да ги земе. Адвокатот на обвинетиот тврдеше дека таткото не можел да предвиди дека неговиот син ќе изврши масовно пукање.

„Џејмс немаше поим дека неговиот син е во неволја“, изјави Леман пред поротниците. Таа истакна дека не биле презентирани докази дека Џејмс ја знаел содржината на СМС пораките или дневникот на неговиот син. Според обвинителите, Џејмс Крамбли го купил пиштолот само четири дена пред пукањето.

На денот на пукањето, наставникот ги нашол цртежите на Итан на кои се гледа пиштол, куршум и крвава фигура. Заедно со цртежот имаше пораки: „крв насекаде“, „животот ми е бескорисен“ и „мислите нема да престанат – помогни ми“. Родителите веднаш биле повикани во училиштето и им било кажано дека на Итан му е потребна помош и да го однесат дома.

Според обвинителите, Џејмс и Џенифер одбиле да го земат нивниот син со себе. Родителите го оспорија ова на судењето, велејќи дека наставниците се согласиле на состанок дека Итан може да остане на училиште тој ден и во ниту еден момент не мислеле дека тој е опасност.

Итан бил вратен на час, а подоцна излегол од тоалетот со пиштол и почнал да пука. Тој ги убил 14-годишната Хана Сент Јулијана, 16-годишната Тејт Мајр, 17-годишната Медисин Болдвин и 17-годишниот Џастин Шилинг. Тој рани уште седум лица. Изрекувањето на пресудата за Џенифер Крамбли е закажано за 9 април, додека датумот на пресудата на Џејмс се уште не е познат.

Би можело да ве интересира

Бостонската полиција уапси 100 студенти на протестите против војната во Газа

Тројца повредени во торнадо во Небраска, стотици куќи оштетени

(ВИДЕО) Десетици торнада го погодија централниот дел на САД, има повредени

ВИДЕО: САД градат пристаниште за достава на помош во Газа

Катерина Ѓуровски

Блинкен: Се надеваме дека повеќе Американци ќе студираат во Кина

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија