Со 3.000 амандмани се спречува онлајн работата на пратениците, архивирањето и преводот ќе траат со денови

Од:

Измените на собранискиот деловник со кои ќе се овозможи пратениците заразени со коронавирус да гласаат онлајн се блокирани со скоро 3.000 амандмани. Од ВМРО-ДПМНЕ има 1.350, па потоа од партијата Левица која има поднесено околу 1.300 и Алијанса на Албанците поднела 300 амандмани на измените. Собраниските служби ќе треба да ги архивираат, а потоа да бидат преведени, да се скенираат и качат во електронскиот систем на Собранието, за на крај да бидат ставени на разгледување пред пратениците. Со оглед на обемот на амандманите, процесот ќе трае со денови.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за „А1он“ вели дека не сите амандмани се суштински, а целта на поднесувањето е да се вразуми власта. Тој вели дека Собранието секогаш има на располагање повеќе од 115 пратеници, а онлајн работата е неуставна.

„Поднесовме 1350 амандмани. Целта е консензуално решавање на проблемот со Деловникот. Тој се решава со консензус, посебно во насока на имплементација на „Жан Моне“ процесот и она што го работиме веќе неколку години, а со кое бевме блиску до решение. Според нас, барањето за онлајн работа е неуставно, а посебно и фактот што Собранието во овие месеци на пандемија од неговата работа, секогаш има на располагање повеќе од 115 пратеници. Најмногу отсутни по основ на Ковид-19 сме имале пет пратеници кои биле во изолација, заразени и слично. Проблемот е со нефункционалното мнозинство, односно 62 пратеници кои се далеку од солидна бројка за работа на владејачкото мнозинство. Тие бараат неуставни начини да се донесат пратениците во Собранието и да ги гласаат желбите на власта. Сигурно дека 1300 амандмани нема да бидат суштински, ама целта е да се вразуми власта и да сфати дека без дијалог и консензус за вакви клучни прашања, на сила не може да се тера“, вели Мицевски за „А1он“.

Пратеникот Димитар Апасиев од „Левица“ не одговори на телефонските повици за да одговори на прашањата поврзани со амандманите. Неговата партија има скоро ист број на амандмани како и ВМРО-ДПМНЕ.

Од „Алијанса за Албанците“ велат дека кога опозицијата нема други механизми, носењето на измените можат да се блокираат и на овој начин. Пратеникот Сурија Рашиди, смета дека повеќето од амандманите се суштински.

„Вие знаете дека и во минатото со читање на поезија од Ацо Шопов и молчење, пратеници бранеа ставови. Амандманите се поднесени бидејќи сметаме дека е противуставно пратениците да работат од далечина. И во минатото, пред ковид-пандемијата имало болни пратеници, но никогаш, никој, не предлагал вакви измени“, вели пратеникот Рашиди.

Праксата на илјадници амандмани до Собранието за одреден закон за да се блокира неговото носење не се применува првпат. Пред две години, ВМРО-ДПМНЕ поднесе скоро 20.000 амандмани до Собранието поврзани со Законот за јазици.

Измените во собранискиот деловник ќе се разгледуваат по скратена постапка.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови