Демократската платформа „Разговори за иднината во 12:05“ пред втората средба во сабота, како што беше најавено на денешниот брифинг, ќе ги формулира следните чекори и ќе упати конкретно барање до раководството на СДСМ и лидерот Венко Филипче за структурни промени во партијата и суштинска промена на начинот на кој функционира. Емилијан Становиќ, Гордан Ѓеоргиев, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Игор Ивановски и Димитар Ќуркчиев, како претставници на платформата најавија дека доколку барањата не бидат прифатени, ќе има брзо дејствување и конкретен втор чекор за продолжување на политичката иницијатива која Венко Филипче го гледа како виновник за очајниот рејтинг и подредената улога на СДСМ кон власта.
Од платформата категорично ја отфрлаат можноста за формирање нова политичка партија или настап со независни листи на избори. Нивната порака е дека целта е промените да се случат во СДСМ, со враќање на демократските механизми и на партијата кон членството и граѓаните, како и формирање на голем опозициски фронт.
„Не сме и нема да бидеме нова политичка партија, нема да бидеме ни ЗНАМ, ни НСДП. Нема да правиме ниту независни листи за парламентарните избори. Целта ни е да помогнеме, да ги обединиме сите во една граѓанска, мултиетничка платформа и промени на ова раководство на СДСМ. Крајна цел е победа на оваа власт“, рече Игор Ивановски.
Според него, платформата прави јасна разлика меѓу СДСМ и неговото актуелно раководство. Ивановски оцени дека партијата која некогаш се борела против „заробена држава“ денес станала „заробена партија“, поради што, како што смета, промените треба да започнат внатре во СДСМ.
Тој причината за високата поддршка за Владата на Христијан Мицкоски ја поврза пред сè со слабоста на опозицијата. На брифингот оцени дека власта не ги исполнила очекувањата на граѓаните и дека покажала отсуство на волја за реформи и борба против корупцијата, но дека тоа не се претвора во пад на нејзината поддршка затоа што, според него, недостига силна и ефикасна опозиција.
„Оваа влада се кандидира да биде на врвот на најнеспособни влади и ги изневери очекувањата на граѓаните. Но зошто владата има толкав рејтинг? Затоа што има отсуство на алтернатива во равенката, а тоа е отсуство на способна, ефикасна, силна опозиција“, рече Ивановски.

Во поширокиот опозициски фронт како главна цел на платформата, спроред Ивановски треба да има место за граѓани, организации и партии, вклучително и за СДСМ, но не со сегашното раководство. Оттаму велат дека високата поддршка за власта не ја гледаат како последица само на нејзините политики, туку и како резултат на празниот простор што го остава опозицијата.
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска откри дека обидите за промени во партијата траат повеќе од две години и дека во тој период имала повеќе разговори со Филипче. Според неа, дел од договореното никогаш не било спроведено.
„Подолг период зборував одвнатре во партијата, имав неколку разговори со претседателот на партијата и тие разговори или завршуваа со одмолчување или со потврдување, а потоа неспроведување на договореното. Затоа, по две години решивме медиумски да се појавиме“, рече Петровска.
Таа оцени дека проблемот не е во луѓето што ја сочинуваат платформата, туку во начинот на кој функционира СДСМ, предупредувајќи дека без промени партијата може да го загуби своето политичко место. Петровска истовремено посочи дека од раководството добивала понуди да биде дел од него, но дека не ги прифатила.
Во критиките кон Филипче најостар беше Емилијан Станковиќ, кој смета дека Венко Филипч не може да се претставува како глас на целото членство.
„Филипче не е претставник на членството на СДСМ, тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Венко Филипче не е претставник на членството на СДСМ, тој е претставник на фиктивни картички за гласање. Анализираме како се гласаше на внатрепартиските избори и кој го аминува тој фалсификат“, рече Станковиќ.
Тој потврди дека платформата веќе има план за структурни промени во СДСМ, но дека прво сака тие предлози да му ги соопшти на Филипче.
Станковиќ рече дека според нивните анализи постои потенцијално гласачко тело од околу 200 до 250 илјади граѓани кои во моментов не наоѓаат политичка опција што може да ги привлече. Тој смета дека токму тој простор е дел од потенцијалот што треба да го обедини опозицијата.

Во насока на погрешната политика на раководството на СДСМ беше спомнат и спорот меѓу Венко Филипче и Димитар Ќуркчиев. По тврдењата на лидерот на СДСМ во врска со тендер вреден 1,6 милиони евра и поврзаноста на Ќуркчиев со компанијата што го добила договорот, Ќуркчиев ги отфрли наводите како лага и фалсификат.

Тој посочи дека нема сопственичка или раководна улога во компанијата, туку дека е ангажиран хонорарно како машински инженер. Ќуркчиев денеска најави тужба за клевета против Филипче, како и поднесување кривична пријава поради изнесените тврдења. Според него станува збор за фалсификуван документ каде е поднетнато неговото име и презиме.
