Возилото од 21.000 евра што Здравствен дом Тетово го купило во време на ковид криза со парите за справување со пандемијата на коронавирусот, било набавено според прописите, одлучи Државната комисија за спречување со корупцијата и предметот ќе биде затворен без понатамошно постапување.
Здравствениот дом Тетово е државната институција која на 24 ноември 2021 година набавила автомобил со кожен волан, шест звучници и металик боја од парите за справување со пандемијата на коронавирус. Марката на возилото е Опел Кросленд Елеганс и чинело 1.286.200 денари или речиси 21 илјада евра.
Луксузното возило има и 7-инчен екран осетлив на допир, мултимедиа, радио, блутут, усб, како и сензор за дожд и греење на надворешни ретровизори. Возилото, според тедерската документација ќе се користи за патронажа и вакцинација.
Набавката на возилото беше посочена во извештајот на Центарот за граѓански комуникации-ЦГК за набавките за Ковид-19 во 2021 година по што ДКСК отвори предмет.
Откако ја разгледале набавката, членовите на Антикорупциска побарале објаснување од Здравствен дом Тетово зошто се барале вакви перформанси и технички спецификации за возило кое ќе се користи за теренска вакцинација.
– Рекоа дека кожниот волан бил стандард за таа класа на возило, но и малку потраен. Барале металик боја на џипот затоа што ЗД Тетово немал гаража за чување на возилото. Таа боја е плус 500 евра што според нивното објаснување не е висока сума во однос на долготрајноста. А шесте звучници биле дел од стандардната опрема. Автодилерот понудил и подолга гаранција и осигурување што било поволност при набавката – образложија од ДКСК на денешната седница.
Германскиот џип бил избран затоа што одговарал на намената, а тоа било вакцинирање на жителите во планинските села до кои се вози и по неколку часа, а старите возила не можеле да се користат за таа намена.