Јаневска: Многу е комплицирана ситуацијата со Филозофскиот факултет

Од:

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека многу е комплицирана ситуацијата со Филозофскиот факултет и дека таа не е надлежна да каже дали некој од кадарот ќе сноси одговорност.

– За тоа постојат други институции во земјата. Се надевам дека таа процедура ќе си тече така како што треба. Би сакала да верувам дека ова е изолиран случај и дека не е тенденциозно направен, но токму поради тоа другите институции ќе си го кажат зборот и како ќе утврдат тие така и ќе биде, рече Јаневска по увидот во градежните активности во Основното училиште „Крум Тошев“ во село Трубарево.

На прашање за тоа дали ќе бидат поништени диломите на магистрите, таа кажа дека вчера изјавила дека се уште го чека извештајот, но доколку се поништи уписот следи и поништување на дипломите.

Раководството на Филозофскиот факултет на УКИМ вчера на прес-конференција соопшти дека на седум студенти на магистерски студии и на четворица на докторски студии на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, чии додипломски студии биле тригодишни стручни, им се поништува уписот и статусот на студенти, односно им се прекинува студирањето. Посочија дека ги почитуваат и ги спроведуваат заклучоците на Државниот просветен иснпекторат (ДПИ), кој при извршен надзор констатирал нерегуларности при упис на овие студенти на магистерски и на докторски студии и го донел решението за прекин на студирањето.

Деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески, рече дека студентите не се без диплома, но дека не е почитуван законот, кој пропишува дека само со академски, но не и со стручни студии, може да го продолжат студирањето на повисоки циклуси. Во овој случај стручните студии биле третирани како и академските, со што на студентите им било овозможено да се запишуваат на втор и на трет циклус студии, иако тоа за овој вид студии не важи според сè уште актуелниот закон од 2018 година.

Првиот студент на постдипломски студии со тригодишни стручни додипломски студии бил запишан во 2019 година. Досега не докторирал ниеден, а магистрирале осуммина на едногодишни стручни студии. Нема решение од Инспекторатот дали нивните дипломи ќе останат важечки.

Јаневска претходно вчера изјави дека Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје треба да постапи по заклучоците на ДПИ, кој при извршен надзор констатирал нерегуларности при упис на студенти на магистерски и на докторски студии.

Министерката кажа дека се чека извештајот по што ќе донесе конечно решение во врска со случајот.

Би можело да ве интересира

Законот за високо образование утре оди во владина процедура, завршна средба на МОН денеска и со коалицискиот владин партнер Вреди

Јаневска го чека извештајот од Филозофскиот факултет за нерегуларностите при упис на магистерски и докторски студии

НАкС: МОН игнорираше голем дел од нашите предлози за високо образование

(ВИДЕО) Јаневска: Новите закони се резултат на дијалог со академската заедница

Јаневска: Приватен институт работел во задна просторија на кладилница со два душеци

Јаневска: Очекувам од 1 октомври студентите да влезат во реконструираните домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“