Резултатите од Балканскиот барометар и Секјуриметар покажуваат дека 76 отсто од граѓаните на Западен Балкан ја поддржуваат соработката во регионот, а дека поддршката за европската интеграција опаѓа во споредба со претходните години – сега таа е 60 отсто.
Исто така, 60 отсто од компаниите сметаат дека интеграцијата на шесте балкански земји би имала позитивно влијание врз нивниот бизнис, а 49 отсто од граѓаните сметаат дека економскиот раст е приоритет по пандемијата.
Резултатите од две истражувања спроведени во Западен Балкан денеска во Брисел ги презентираше генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РСЦ), Мајлинда Брегу.
Таа нагласи дека да се биде Европеец е состојба на умот и дека граѓаните од регионот не само што го препознаваат тоа, туку и се трудат да водат бизнис што е можно поефикасно.
„Војната во Украина ги разбуди духовите од минатото и безбедносните грижи. Не можеме да ја превидиме загриженоста во нашиот регион за општата и енергетската безбедност и економските последици од војната во Украина“, додаде Брегу.
Граѓаните во регионот како најголеми безбедносни предизвици ги гледаат организираниот криминал (91 отсто), финансискиот криминал (89 отсто), тероризмот (88 отсто), дезинформациитеа (86 отсто), екстремизмот (85 отсто) и природните катастрофи (85 отсто).
Исто така, секој трет жител на Западен Балкан смета дека корупцијата е најголема закана за нивните животи.
Граѓаните, исто така, ја гледаат економската состојба (47 проценти) и невработеноста (39 проценти) како главна грижа и најголем предизвик во регионот.
„Луѓето треба да знаат дека ќе можат да се грижат за своите деца и дека можат да си дозволат здравствена заштита доколку и кога им е потребна. Најголемата грижа за младите е неможноста да најдат работа“, рече Брегу.
Околу 67 отсто од младите на возраст меѓу 18 и 24 години размислуваат да заминат и да живеат и работат во странство.
Во осмото издание на Балканскиот барометар учествуваа повеќе од 6.000 луѓе од регионот и повеќе од 1.200 компании. Повеќе од 6.000 граѓани учествуваа во второто издание на истражувањето на Секјуритемар помеѓу март 2021 и април 2022 година низ Западен Балкан.