Повеќенаградуваната и популарна пејачка Адел објави дека се повлекува од својата бранша- музичката индустрија, откако ќе заврши со настапот во Лас Вегас овој ноември.
„Воопшто немам планови за нова музика“, изјави за ЗДФ пејачката која последниот албум го издаде во 2021 година.
„Сакам голема пауза после ова и мислам дека сакам да се занимавам со други креативни работи, барем за некое време“, рече таа и додаде дека „не сака да биде позната, но сака да се занимава со музика“.
Инаку, Адел своето шоу „Викенди со Адел“ го започна во Вегас, поточно во Цезаровата палата, во ноември 2022 година, а последниот настап е закажан за 23 ноември 2024 година, откако од 2 до 31 август ќе изведе дури десет концерти, кога ќе се одржи и специјалниот настап во арената на отворено во Минхен.
Кога ги објави последните датуми на концерти во октомври, Адел искрено сподели со своите обожаватели што значат овие концерти во Лас Вегас за неа.
„Да се биде на сцената минатата година, толку интимно со публиката, повторно после сите овие години, беше навистина неверојатно возбудливо искуство кое никогаш нема да го заборавам. Сите смешни, духовити, диви и потресни интеракции што ги имавме едни со други се врежани во мојот ум засекогаш во сеќавање“, рече Адел во видеото што го сними.
Што се однесува до плановите за некоја нова музика, Адел призна дека во моментов ги нема.
На прашањето дали ќе основа сопствена продукциска куќа, пејачката истакна дека „не сака да гради свои работи, туку да работи со нешто“.
„Не сакам да создавам нешто. Сакам да се приклучам на нешто. Така се чувствувам“, рече таа.
Се шпекулира и дека Адел повторно размислува за мајчинството. Минатата година, таа, исто така, им призна на обожавателите на едно од нејзините шоуа дека е „подготвена наскоро повторно да стане мајка“.
Да потсетиме, Адел со поранешниот сопруг Сајмон Конецки го има 10-годишниот син Анџел. Двајцата го финализираа разводот во април 2019 година, а Адел е во врска со спортскиот агент Рич Пол од почетокот на 2021 година.