Во првиот натпревар од УЕФА футсал купот, македонскиот шампион Железарец загуби на гостувањето во Братислава од Слов-Матик со 5:3.
Македонскиот претставник, иако на полувреме водеше со 2:1, сепак не успеа да извлече поволен резултат. Екипата на Слов-Матик дојде во водство во 6.минута преку Микита, а Железарец направи пресврт со головите на Глигоров во 8.минута и Мицевски во 11.минута.
На почетокот на вториот дел одлично реализирана контра на Левески која му донесе водство на Железарец од 3:1 во 23.минута. По овој гол домакинот притисна и успеа да го намали резултатот веќе во следната минута преку Кујовски. Потоа следуваше еден период на добра игра на екипата на Слов-Матик, а Железарец добро се држеше се до 34.минута кога Халко го израмни резултатот на 3:3. Домашната екипа успеа да направи пресврт во 36.минута кога по еден удар од далечина голманот Удовалиев одбрани, но одбиената топка дојде до Микита кој постигна гол за водство од 4:3 во 36.минута. Во последната минута екипата на Железарец тргна на се или ништо, во игра внесе петти играч, односно играше без голман, а тоа го искористија домашните фудбалери со гол од нивната половина во последните секунди за победа од 5:3.
Нашиот шампион на вчерашниот дуел испушти голема шанса да дојде до победа и да ги освои првите бодови, кои сега ќе мора да ги бара на следните две средби.Најнапред денес во 15:30 часот против екипата на Андховен која во 1.коло загуби од Сиеви од Финска со 5:3, а потоа и во сабота против финскиот шампион.