Македонскиот футсал шампион, тимот на Железарец очекува со две победи во првата групна фаза да избори пласман во следната рунда на Футсал купот на УЕФА.
Македонскиот претставник следните три дена ќе биде домаќин на групата Ф, а натпреварите ќе се играат во СРЦ „Кале“.
Противници на Железарец ќе бидат Аугур од Естонија и Бен Гурион од Израел.
Тренерот Иван Божовиќ на денешната прес-конференција ја прифати фаворитската улога на неговиот тим.
– Ние како Железарец ја прифаќаме улогата фаворит во оваа група и очекуваме со две победи и да избориме пласман во следната фаза од ова натпреварување, кое е всушност Лигата на шампионите во футсал. Во рамките на подготовките одигравме и неколку контролни дуели. Задоволен сум од формата, има некои проблеми, но се надевам дека ќе бидат надминати и корегирани. Сите играчи се добро подготвени и присутна е позитивна трема. Се надевам дека покрај добрите игри гледачите во салата ќе имаат можност да видат и атрактивни потези од нашата екипа. За конкурентите очекувам посериозен конкурент да ни биде Бен Гурион, истакна Божовиќ.
За голманот на Железарец Илчо Удовалиев опција е само пласман во следниот круг.
– Се освен пласман во следната фаза ќе биде разочарување и неуспех. Затоа ние ќе одиме на две победи и со поддршка од навивачите очекувам да прикажеме и добри игри.
Тренерот Божовиќ за овие натпревари ќе може да смета на новите играчи Дарко Ранготов (повратник) и Бразилецот Даниел де Соуса.
Распоред на натпреварите:
27 август: Железарец – Аугур,
28 август: Аугур – Бен Гурион,
29 август: Железарец – Бен Гурион.
Почетокот на сите дуели е во 20 часот.