Со доделување на награди за најдобрите учесници, синоќа во Битола заврши дводневниот меѓународен Велигденски турнир во кошарка, на кој настапија млади талентирани кошаркарки и кошаркари од Хрватска, Србија и од Македонија.
Годинава во Битола настапија 17 екипи кои своите натпревари ги одиграа во четири спортски сали, а квалитетот на натпреварите беше зголемен со ангажманот на професионални кошаркарски судии, изјави за МИА, портпаролот на турнирот Владимир Прчков.
– Во катеогоријата момчиња родени во 2003-2004 година настапија шест екипи, а најдобри беа кошаркарите на „Феникс 2010“ од Скопје. Во оваа категорија за најдобар играч беше прогласен кошракарот Мети Тачи член на победничкиот тим. Во категоријата девојки родени во 2003-2004 година настапија четири екипи, а првото место го освоија кошаркарките на „Пелистер АД“ – Битола, а за најдобра беше прогласена Маја Милошевска, членка на првопласираната екипа. Најдобриот кошаркар на КК „Академија ФМП“ од Скопје Ристе Буклешевски го предодеше својот тим до првото место во категоријата „микс-екипи“ со кошаркари родени во 2005-2006 година, додека во категоријата микс-екипи со кошаркари родени во 2006-2007 година, прво пласиран е КК „Младост“ – Битола, а за најдобар играч беше прогласен Филип Саботковски член на победничкиот тим, потврди Прчков.
Во рамките на турнирот се одржа и турнир за ветерани и ветеранки со учество на шест екипи од Македонија, Хрватска и Србија.
Организаторот за најдобрите обезбеди дипломи, пехари и медали, а за најдобрите играчи и пригодни подароци. Доделени беа и благодарници на кошаркарски ветерани кои ја прославија македонската и битолската кошарка во минатото, и тоа Никола Ивановски-Линдата, најдобриот кошаркар во историјата на Битола како на и Марија Џидрова Чурлевска, најдобрата кошаркарка на Битола.
Плакети за придонес во развојот на битолската кошарка добија д-р Димитар Секуловски-првиот тренер на КК „Младост“-Битола, Валентин Груевски-претседател на Советот на општина Битола, Борче Корлевски, претседател на комисијата за спорт, млади и рекреација во Советот на општина Битола и д-р Горан Цветановиќ, градоначалник на градот Лесковац, Србија.