Запознајте ги македонските олимпијци

Од:

Од балканските земји на оваа Олимпијада во Лондон, Србија има најмногу, 116 спортисти во 15 спортови, а Македонија најмалку натпреварувачи, само четири. Првпат, како самостојна држава Македонија имаше можност да учествува на Олимписките игри во Атланта во 1996 година.

Македонскиот олимписки тим оваа година го сочинуваат: пливачите Симона Маринова и Марко Блажевски и атлетичарите Христина Ристеска и Кристиан Ефремов.

Симона Маринова, нашата олимпијка на 800 метри слободно пливање е родена во 1994 година во Скопје. Учи во СУГС „Георги Димитров“ и е одлична ученичка. Тренира во ПК „Младост“, кај Владимир Пејковски. Вели дека научила да плива на четири години, но и требале дури две за да ги натера родителите да ја однесат на базен. Отсекогаш во водата се чувствувала како во своја природна средина, а бидејќи многу го сака спортот, вели, било нормално да го избере пливањето. И се допаѓа тоа што знае дека се зависи од неа и од нејзината подготвеност.

„Првпат учествував на натпревар во Нови Сад и успеав да освојам три злата што беше максимум, меѓутоа јас не бев среќна, бидејќи мислев дека можам уште повеќе. Секогаш од себе барам повеќе и уште повеќе. Никогаш не сум задоволна од тоа што ќе го направам и секогаш ми е малку“, вели Симона.

Својот живот не може да го замисли без вода. – Толку долго сум во базенот што секој ден кога нема пливање (а тоа е многу ретко) е многу тежок и здодевен. Гледам многу филмови, читам и понекогаш излегувам со другарите, но тоа е ретко бидејќи тренинзите се макотрпни и навечер чувствувам голем замор, а наутро станувам околу 6 часот така што морам добро да се наспијам, признава таа.

Чувствува голема возбуда поради своето учество на Олимпијадата и се надева дека ќе исплива најдобро што може. – Фактот што пливам на 2 август ми е мотив повеќе да дадам се од себе за тоа и да го остварам. Исто така и чувството дека сум во друштво со најдобрите пливачи на денешницата верувам дека ќе ми помогне да стигнам до што подобар резултат, се надева Симона.

Марко Блажевски, нашиот државен рекордер на 400 метри мешано пливање почнал да плива од многу мал, бидејќи неговиот татко бил тренер во пливачкиот клуб „Вардар”. По првиот натпревар и медал, веднаш се вљубил во овој спорт.

Моментално, освен неговиот највреден резултат на 400 метри мешано, кој му ја обезбеди визата за Лондон, тој е и државен рекордер во апсолутна категорија на сите времиња во дисциплините 400 метри слободно, 800 метри слободно и со штафетата на 4х100 метри слободно. Олимписките игри се негов сон веќе подолго време.

„Кога разбрав дека ќе ја претставувам Македонија бев пресреќен. Моите очекувања се, пред се, подобрување на мојот најдобар резултат и соборување на државниот рекорд и обезбедување норма за Светското првенство во Барселона идната година“, се надежите на Марко.

Инаку, студира финансии на универзитетот Вингејт во Северна Каролина, благодарение на стипендијата што ја добил поради добрите резултати во пливањето.

Секој ден тренира, така што ниту еден ден не му поминува без некаква физичка активност. Нема многу слободно време, но кога го има го поминува дружејќи се со своите другари. Освен тоа обожува да гледа филмови.

Велешанецот Кристиан Ефремов (400 метри атлетика) е роден во 1990 година. Завршил информатика и комуникациски технологии на ФОН, а најголем поттик за да почне да тренира атлетика му биле Олимписките игри во Атина во 2004 година.

„Атлетиката е најгледаниот и најатрактивниот спорт на секоја Олимпијада, а трчањето е најздравата навика што постои. Атлетиката, како кралица на спортовите, во себе комбинира над 20-тина атлетски дисциплини, така што секој може да се пронајде во некоја од нив“, тврди Кристиан.

На Олимписките игри во Лондон очекува подобрување на својот најдобар резултат на 400 метри, кој изнесува 48.26 и секако, да ја претстави Македонија во најдобро светло.

Неговата колешка, прилепчанката Христина Ристеска (400 метри атлетика) станала репрезентативка на 13 години.

„Потекнувам од АК „Трети ноември“, а сега сум членка на скопски Работнички. Кога бев мала, слушнав дека атлетиката е кралица на спортовите, па сакав да видам што има посебно во неа и ете, се вљубив во неа на прв поглед. На Олимпијадата одам со чест и гордост што ќе ја претставувам својата земја, но со жалење зашто никој не инвестира во атлетиката. Можам многу повеќе, но никој не вложува за да дадам максимум. Кога првпат дознав дека ќе ја претставувам Македонија на Олимписките игри во Лондон, бев пресреќна, но делумно несвесна дека мојот сон се исполнува, па ми требаа неколку дена за да станам свесна дека сето тоа мене ми се случува“, вели Христина.

Во Лондон очекува да го истрча најдоброто време во својата кариера и да види како е да се учествува на најголемиот спортски настан во светот. Нејзиниот рецепт за успех се упорноста, вербата во себе, поддршката од најблиските и добар тренер.

Секогаш кога тоа и го дозволуваат обврските, сака да гледа филмови, да прочита некоја добра книга и да се дружи со пријателите, но она без што не може да си замисли да и помине ниту еден ден, е редовниот тренинг.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Откако се посрамоти, австралиската олимпијка замина во пензија

Предраг Петровиќ

Полска сака да биде домаќин на Олимписките игри во 2040 или 2044 година

Ватерполистите на Србија ја победија Америка и се пласираа во финалето

Ѓоковиќ го освои олимпиското злато и ја комплетираше колекцијата на најголемите тениски трофеи

Предраг Петровиќ

Леброн Џејмс сака да игра на Олимпијадата во Париз – ќе го предводи дрим-тимот

Олимпиското злато и беше одземено на Русинка и доделено на Американка

А1он