Со трката крај Вардар во Скопје, започна серијата трки на плажа – „Beach Run 2017“, во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“.
Во првата од петте трки на 5 км најдобри беа Адријана Поп Арсова, Марго Бојаџиева и Весна Кираџиева кај девојките, додека во машка конкуренција најдобрите тројца на победничкиот подиум се Муџахид Мислимоски, Кокан Ајановски и Игор Јакимовски.
Во екипна конкуренција кај девојките најдобри беа тимовите на NRC – Nike + Run Club, а кај машките MC Running Team.
Како што информираат ирганизаторите, следниот викенд, в недела на 9 јули, во рамки на летната лига во трчање на плажа, карванот се сели во Претор, на брегот на Преспанското Езеро.
Пријавувањето за учество на трките е отворено и секој кој сака да учествува на една или сите останати трки од серијата, може да се пријави на веб страната www.prvdovrv.mk.
Летната серија трки на плажа ќе се одржува во текот на јули во Скопје, Претор, Дојран, Маврово и во Охрид, а на крајот од серијата, покрај победниците на секоја од трките, ќе бидат прогласени и победниците во вкупен пласман.
„Beach Run 2017“ е во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, во соработка со локалните самоуправи и со поддршка на деловната заедница.