Градот Скопје и годинава ќе ги отвори вратите за натпреварувачите од целиот свет кои ќе учествуваат во најмасовната спортска манифестација во нашата земја – Виз ер скопскиот маратон 2021. Деталите за одржувањето на 17-от по ред маратон кој ќе се трча во недела, на 3 октомври 2021 година, беа соопштени на денешната прес-конференција на која се обратија градоначалникот Петре Шилегов, спортскиот директор на Виз ер скопскиот маратон, Кире Синадиновски и атлетичарите Адријана Поп Арсова и Дарио Ивановски.
– Гордост ми е што годинава, и покрај светската ковид пандемија продолжуваме да го одржуваме Скопскиот маратон, кој стана заштитен знак на нашиот град. Маратонот од година во година расте и стана најголем маратон на Балканот, за што сакам да им честитам на организаторите. Преку оваа традиција стара повеќе од деценија и половина Градот Скопје ги мотивира граѓаните да почнат да се занимаваат со спорт и рекреација. Градот Скопје работи на подобрување токму на таа инфраструктура за да обезбедиме подобри услови за рекреација и за спортување – тартан патеката во Градскиот парк овозможува да се вршат подготовки дури и на професионално ниво. Во организацијата на маратонот годинава се вклучени стотици волонтери и професионалци што е гаранција дека, како и секогаш, маратонот ќе помине во најдобар ред – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Тој се заблагодари на сите вклучени, како и на организаторите на трката кои напорно работат на популарноста на маратонот.
– Градот Скопје обезбеди целосна логистичка и делумна финансиска помош на организаторите на маратонот, а за учесниците во маратонот, некаде над 7.000 луѓе годинава, што е една фантастична бројка, службите и јавните претпријатија на Градот Скопје се ставаат целосно на располагање со цел во недела да имаме чисти, безбедни и добри коридори за трчање. На нашите рекордери им честитам за нивните значајни успеси во оваа најтешка трка, а на сите учесници им пожелувам добра трка и забава – додаде Шилегов.
Годинешниот Скопски маратон ќе се одржи со почитување на сите пропишани мерки и протоколи за заштита од Ковид 19. Според организаторите, пријавени се околу 7.000 натпреварувачи од 40 земји од светот, со особен фокус на домашните атлетичари.
Стартот на полумаратонот, маратонот и штафетниот маратон ќе биде на 3 октомври (недела) во 8 часот, додека стартот на трката на 5.000 метри е во 8:10 часот од платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Натпреварувачите ќе трчаат од стартот, по улицата Бледски договор до булеварот Илинден, десно по булеварот до крстосницата со улицата Љубљанска и по неа право на Московска, па десно по улицата Војвода Васил Чакаларов, на крајот од улицата се врти полукружно назад, кога ќе се вратат кај Студентскиот дом „Гоце Делчев“ се продолжува право по булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, по улиците Димитрие Чуповски, 11 Октомври, Крушевска република, Трета македонска бригада, Фрањо Клуз, булеварот Јане Сандански до крајот (раскрсница со булевар Србија), пред семафорот со булевар Србија се врти полукружно назад (на истата коловозна лента) по булевар Јане Сандански, Фрањо Клуз, Трета македонска бригада, Крушевска република, 11 Октомври, по Димитрие Чуповски до раскрсницата десно на булевар Свети Климент Охридски до булевар Илинден, лево кај Влада на Република Северна Македонија до целта, платото пред СЦ „Борис Трајковски“.