Ракометарите на Металург продолжуваат со интензивните подготовки за мечот од 9. коло во Лигата на шампионите, против руски Санкт Петербург, сабота во Чехов (предградие на Москва).
Оптимизмот кај избраниците на тренерот Лино Червар, и покрај двата последни неуспеха (порази од Мешков и од Горење), е на високо ниво.
„Не гледам никаква паника во нашите редови, после двата порази од Мешков и Горење. Атмосферата е на позитивно ниво. Сега мора да го вратиме потребниот играчки ритам и самодовербата, кои ги загубивме по СП и, нормално, да почнеме да победуваме. До победата ќе стигнеме ако ја засилиме нашата одбрана, гол-реализацијата да биде многу поизразена, а на противникот уште од првата минута да не му дозволиме да се увери дека може да не победи. Се надевам дека триото Вугринец-Мојсовски-Миркуловски против Санкт Петербург ќе биде ефикасно како во есенскиот дел. Ние со самиот пласман меѓу 16-те најдобри веќе постигнавме голем успех, па затоа најважно е да бидеме во добра форма пред настапот во осминафиналето, а не да се заморуваме премногу дали ќе бидеме втори во групата, бидејќи тоа не ни гарантира дека ќе добиеме и послаб противник“, вели Ренато Вугринец.