Македонскиот кошаркарски репрезентативец Војдан Стојановски потпиша двегодишен договор со тимот на Алба Берлин, пренесе официјалната страница на Евролигата. 25-годишниот кошаркар (194 см.) со преселбата од тимот на Доњецк во германскиот тим, повторно ќе соработува со тренерот Саша Обрадовиќ.
– Среќен сум што потпишав договор со голем и реномиран клуб каков што е Алба Берлин. Добро го познавам тренерот Саша Обрадовиќ, со кого соработувавме во Доњецк, и знам дека е одличен стручњак, чиј стил на работа ми се допаѓа – изјави Стојановски.
Тренерот Обрадовиќ исто така имаше пофални зборови за новата аквизиција на тимот од Берлин.
– Одлично го познавам Војдан од мојот престој во Доњецк, тој беше еден од моите клучни играчи при освојување на титулата. Сестран играч со одличен шут, одговорен во играта. Војдан е голем работник на теренот, кој одлично се поклопува во мојата филозофија на игра – вели Обрадовиќ.