Александар Винокуров од Казахстан е сензационален победник на друмската велосипедска трка на Олимписките игри во Лондон. 12 години по среброто во Сиднеј го додаде и најсјајното одличје, а воедно стана и најстар велосипедист со 39 години со златен олимписки медал.
Ригоберто Уран од Колумбија доцна го фати спринтот на Винокуров и не можеше да го стигне, така се задоволи со втората позиција, а трет во спринтот со групата стигна Норвежанецот Александер Кристоф.
Групата не можеше да ги фати бегалците Винокуров и Уран, а интересно е што на оваа трка екипите не смеат да користат никаква комуникација.
Фабиан Канчелара имаше голем пех, во период кога ја водеше групата со бегалци на една кривина не ја процени брзината и падна од велосипедот. Нема да може да ја брани титулата на хронометар од Пекинг, која се вози на 1. август. А во спортски дух стигна до целта, со голема болка и солзи.