По мала пауза од завршувањето на сезоната во септември, македонската спортска гордост, Игор Стефановски Иџе овој викенд повторно ќе биде во фокусот на вниманието. В сабота на гала вечерата во хотелот Пестана Паласио во Порто ќе бидат прогласени и поделени титулите за најдобрите во трките на ридски патеки под капата на ФИА за 2015 година. Како шампион во најпрестижното натпреварување – Европското првенство на ридски патеки, нашиот Иџе ќе биде главната ѕвезда на вечерта.
– Еве, по втор пат за две години ќе ја имаме таа чест да го добиеме драгоцениот пехар како круна на уште една успешна сезона . Тешко ми е да се решам која титула ми е подрага, првата ланска или оваа втората што ја освоив со максимален можен број на бодови како потврда на квалитетот. Секако, ова е потврда на одличната работа на сите во тимот, на сите чинители во нашата успешна приказна и возврат на довербата која спонзорите ја имаа во нас – вели Иџе.
Тој изминатиов период немаше многу време да ужива во моментите на слава бидејќи во полн ек се разгледуваат можните варијанти за идната сезона и големиот кариерен скок – настап на европските кружни патеки.
– Со двете европски титули на “брдо“ веќе имаме потребно “педигре“ и репутација во европските тркачки тимови на кружни патеки кај кои има расположение да ни ја отворат вратата. Имаме начелни понуди од неколку добри тимови за настап во силни национални и регионални шампионати на кружни патеки, но секако, мојата цел е да го задржам нивото и да ја продолжам кариерата во Европскиот куп на круг, популарниот FIA ETCC. Сепак, како и за се во животот, главната пречка се финансиите затоа што ќе треба далеку повеќе средства и спонзори за да се обезбеди настап во тоа друштво. Тоа ни е најголемата мака и тука ќе се води најголемата борба.
Заедно со гала настанот, во Порто ќе се одржи и годишниот состанок на ФИА и организаторите на трките од Европскиот шампионат на ридски патеки. Тоа ќе биде прилика Иџе на лице место да се запознае со евентуалните новини во овој шампионат за следната сезона.
– Има некои одредени најави за делумна реорганизација која би водела кон поголема популаризација на ридските трки и европскиот шампионат што би овозможило и поголема конкуренција на асфалтот и поинтересни трки. Ако ништо не се случи со кружните трки, ни останува опцијата да продолжиме во истата дисциплина како и досега, а тоа значи дека ќе јуришаме на трета последователна титула и хет-трик кој ретко забележан во европските тркачки шампионати – додава Иџе.