Разочарување за начинот на кој го загубивме мечот со Хрватска, но и на критериумот на чешките судии владееше во македонскиот табор по завршувањето на средбата. Ренато Вугринец кој играше малку на овој натпревар , истакна дека целиот начин на кој се применуваат новите правила на IHF создава дополнителен хаос:
„Мислам дека 60 минути бевме во натпреварот. Не сакам да говорам за судискиот критериум и одлуките. Едноставно на ова првенство премногу директно се спроведуваат новите правила и тоа создава една дополнителна нервоза. Така е со големите селекции, едноставно во 5 минути можат да побегнат и тоа ни се случи и нам. Но мора да се „дигнеме„ за мечот со Австрија и да се обидеме да завршиме втори во групата, што би бил одличен резултат пред осминафиналето“, рече Ренато Вугринец по средбата.
Теоретски постои шанса во осминафиналето да играме и со неговата поранешна репрезентација Словенија, која со денешната победа над Бразил во А групата скоро сигурно е трета во својата група.