Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ ја посвети титулата на завршниот турнир во Лондон, на својот татко Срѓан.
Новак во финалето го совлада Роџер Федерер со 7:6, 7:5, а по завршувањето на натпреварот, изјави дека играл добро кога било најпотребно.
„Победата ја посветувам на мојот татко, кој води голема битка. Здравјето му е подобро, многу го сакам. Те сакам тато, најдобар си и благодарам што секогаш веруваше во мене. Јас верувам дека и ти оваа борба ќе ја пребродиш“.
„Не знаев што да очекувам, со оглед на резултатите последните неколку години овде во Лондон. Само една година играв овде полуфинале, така што не бев сигурен во очекувањата од себе и која ми е целта. Секогаш во потсвест имам амбиција да бидам најдобар на секој турнир и дека ќе освојам трофеј, па и сега не беше поинаку. Победив во сите пет мечеви. Тоа никогаш не ми се случило во кариерата.
– Не можеше подобро да заврши сезоната. Почетокот ми беше фантастичен, титула на Аустралијан опен, полуфинале и финале и сега титула и повторно број еден. Не се опишува чувството и многу им должам на сите кои беа овде и ме поддржуваа цела сезона“, изјави Ѓоковиќ, кој ја запиша 13-тата победа против Федерер, во 29 меѓусебни дуели досега.
Српскиот тенисер, мечот го почна многу лошо, но некако успеа да се врати и да стане деветтиот тенисер кој го освоил завршниот турнир два или повеќе пати.
„Започна подобро од мене, од Роџер тоа и се очекува, да биде агресивен и блиску до линијата. Бев свесен и се обидував да наметнам ритам, но не успеав во тоа и веднаш изгубив девет поени. Беше тешко да се вратам во мечот, но успеав да воспоставам ритам и ја применив вистинската тактика.
– Крајот на првиот сет го одгиграв добро, токму тогаш кога требаше, а така беше и на крајот од вториот. Се извлеков од изгубена ситуација, спасив две сет топки и го извлеков мечот на спектакуларен начин“, додаде Србинот.
Со триумфот во Лондон, Ѓоковиќ ја освои шестата титула сезонава, по Аустралијан Опен, Мајами, Торонто, Пекинг и Шангај и сезоната ја завршува на врвот на АТП листата.