Македонскиот фудбалски шампион Вардар обезбеди пласман во третото квалификациско коло за Лигата на Шампионите победувајќи го тимот на Малме со резултат од 3-1 денеска на стадионот Младост во Струмица.
Првиот натрепвар во Шведска, минатата недела заврши со резултат од 1-1.
На денешниот натпревар, гостите први поведоа во 16. минута од натпреварот со голот на Росенберг од пенал и со предност заминаа на полувремето.
Во вториот дел, македонскиот шампион започна понапаѓачки, а по неколкуте добри прилики, резултатот го изедначи капитенот Грнчаров со гол со глава во 56. минута.
Пет минути подоцна Фелипе промаши пенал за тимот на Вардар, но одбиената топка во мрежата ја смести ерменецот Барсегјан со што го доведе во предност македонскиот тим.
По водството на Вардар, следуваше период на притисок на гостите од Малме, меѓутоа сепак, македонскиот тим го издржа притисокот, а конечните 3-1 ги постави Николов во првата минута од судиското продолжение.
Вардар со оваа победа обезбеди пласман во третото квалификациско коло каде што за противник го очекува подобриот од дуелот кој што се игра утре, помеѓу Копенхаген и Жилина. Во тој двомеч, Копенхаген има предност од 3-1 остварена на гостински терен.