Вардар подготвен да собира бодови во Лига Европа

Од:

Македонскиот првак Вардар со четири победи и два пораза на шест натпревари успеа да се избори за најголемиот резултат во историјата на македонскиот фудбал пласман во група од Лига Европа.

За сите актуелности поврзани со клубот, пред се за настапот во Лига Европа денеска беше одржана и прес конференција.

– Ми беше полесно кога играв, сега кога гледав бев напнат и нервозен, но навистина сметав дека можеме да направиме изненадување. Најзаслужни се тренерите и играчите, мило ми е за успехот особено што Македонија долго време чека на ваков успех, а на сопственикот му кажав дека треба да размислуваме ова да го правиме секоја година или секоја втора година, а не еднаш на 25 години, изјави спортскиот директор Дарко Панчев, кој и ја отвори денешната прес конференција.

Тренерот Чедомир Јаневски, кој пред само десетина дена седна на клупата на „црвено-црните“ со двата триумфа над Фенербахче даде посебен печат на пласманот во Лига Европа.

– Кога дојдов во Вардар од мене се бараше да се победува, така ќе се трудам да биде и понатаму. Наша цел е во секое натпреварување да собираме бодови, сега ќе биде потешко немаме слободни термини ќе играме среда-недела, но сметам дека е подобро да играш натпревари отколку да тренираш. Првиот дуел со Зенит е веќе брзо за три недели. Тоа е екипа со големо искуство каде тренер е Роберто Манчини. Ќе собереме информации и ќе одиме да ги гледаме, но во групата ќе одиме натпревар по натпревар, истакна Јаневски.

На прес конференцијата од редовите на играчите беше присутен Никола Глигоров, играч со најдолг стаж во „црвено-црниот“ дрес.

– За мене ова е остварување на сонот. Со својот клуб да се игра во Лига Европа, со Вардар, е нешто сосема друго. Успехот не е случаен, се должи на тригодишно макотрпно работење. Без сите, без Самсоненко, без Јаневски кој во само два дена ја подготви екипата за да се соочиме со Фенербахче, како тактички, така и психолошки. Да се добие Фенербахче со вкупен резултат 4:1, мислам дека тоа доволно говори за нас. Зенит е тим кој низ минатите години стандардно игра ЛШ, Сосиедад е петта екипа во Ла Лига, на домашен терен тешко ја добиваат дури и Реал и Барса, а исто така и Розенборг е редовен учесник во европските натпреварувања. Да не заборавиме, во последниот филтер го елиминираше ланскиот финалист во ЛЕ, Ајакс. Ова е нешто ново, предизвик за секој спортист. Да се игра цела есен во Европа е чест за секој фудбалер, изјави Глигоров.

Спортскиот директор Дарко Панчев потврди дека македонскиот репрезентативец Стефан Спировски си заминува од Вардар и ќе мине во унгарски Ференцварош, а на негово место е донесен српскиот интернационалец Вања Марковиќ.

Би можело да ве интересира

Возило излета во Вардар во центарот на Скопје

Вардар прв финалист на Струшкиот ракометен турнир

Во Вардар во Велес најдено тело на мртов маж

Пронајден машки труп во водите на Вардар, утврден идентитетот

ЦУК: Камион на патот Зелениково – Таор ја проби оградата на мост на Вардар, нема жртви

(ВИДЕО) Змија на кејот на Вардар во Скопје: Топлото време ги раздвижи змиите

А1он