По двонеделното одложување поради проблемите кои настанаа со трансферот на играчот Бојан Влакевски од екипата на Макпетрол во екипата на Вардар 2014, Кугларската федерација на Македонија (КФМ) донесе одлука в сабота на 7 март да продолжат натпреварите од вториот дел од првенството.
На вчерашната средба помеѓу инволвираните странки во спорот кои ги презентираа своите ставови околу случајот Влакевски не се најде решение за надминување на овој спор, па претседателот на федерацијата Александар Бичиклиски, користејќи го своето дискреционо право донесе одлука да го дозволи трансферот.
– Согласно член 4 од Уставот на Република Македонија и член 7 од Законот за спорт, како и согласно претходните насоки добиени од стручните лица од Агенцијата за млади и спорт, земајќи го на прво место правото на слободна волја на играчот за напуштање на матичниот клуб, на Бојан Влакевски му се дозволува трансфер во клубот „Вардар 2014“ и настап во вториот дел од првенството, стои во соопштението од КФМ.
Трансферот на Валчкевски е условен уплата на 800 евра од страна на Вардар на Макпетрол, како и играчот да ги врати паричните средства земени однапред од клубот Макпетрол.
– Овие два услови мора да бидат исполнети до сабота со цел да се овозможи трансфер на Влакевски во “Вардар 2014” и настап во вториот дел од првенството, соопштија од КФМ.