Европската фудбалска унија, УЕФА соопшти дека ќе покрене дисциплинска постапка против фудбалските сојузи на Србија и Албанија, поради инцидентот на натпреварот во Белград.
Како што се наведува во соопштението, против Фудбалскиот сојуз на Албанија постапката ќе биде покрената поради тоа што албански играчи одбиле да го продолжат натпреварот, но и поради прикажување на недозволив транспарент.
Фудбалскиот сојуз на Србија пак се обвинува за лансирање и фрлање на пиротехнички средства и проектили, насилство во публиката, влез на навивачи на терен, како и поради пропусти во организацијата на натпреварот и употреба на ласери.
Портпаролот на УЕФА, Педро Пинто најави покренување на дисциплинската постапка и рече дека албанскиот и српскиот сојуз до следната среда имаат рок да одговорат на обвиненијата и дека одлуката ќе биде донесена еден ден подоцна.
За потсетување репрезентациите на Србија и Албанија се сретнаа во вторник во Белград, но натпреварот беше прекинат во 41-вата минута, бидејќи над стадионот се појави летало на далечинско управување, кое носеше знаме на Голема Албанија.
Српскиот репрезентативец Стефан Митровиќ успеа да го фати знамето, по што настана физичка пресметка помеѓу фудбалерите, а на терен влегоа и навивачи.
Е. Г.