Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија со убедлива победа од 27 поени разлика во дуелот со Норвешка го почна својот настап на Европското првенство во Сараево за играчи до 16 години.
Во рамки од дивизијата Б, а во натпреварот од првото коло на група А, македонските кошаркари беа доминантни во текот на целиот натпревар добивајќи ги сите четири периоди за конечни 82:55 (по четвртини 18:11, 17:15, 25:19 и 22:10).
Блажо Митков со 19 поени беше најефикасен во репрезентацијата на Македонија, но и на натпреварот. Митков имаше и седум скокови исто како и Ненад Димитриевиќ кој постигна 16 поени за нашата селекција, во која до двоцифрен број на постигнати поени имаше и Дејан Србиновски (12). Оливер Двојаковски со 19 скокови беше доминантен под двата коша.
Македонските кадети утре во рамки на второто коло, за противници ќе ги имаат врсниците од Бугарија, во натпреварот кој ќе почне од 17 часот и 30 минути.
Во групата А, се и репрезентациите на Португалија, Естонија и Финска.