Јуниорската кошаркарска репрезентација на Македонија (играчи до 18 години) го претрпе вториот пораз на Европското првенство – Б дивизија што се одржува во Талин, Естонија.
Попладнево Македонија загуби од Белгија со 85:65 (22:12; 17:19; 23:13 и 23:21). Ова е втор пораз за избраниците на селекторот Ѓорѓи Кочов.
Нашата репрезентација единствено успеа да ја добие втората четвртина, додека во другиот дел од натпреварот противникот беше подобар и заслужено ја постигна втората победа. Најефикасни за Македонија беа Роберт Стојанов 12 поена, Павле Михајлоски и Валмир Какруки по 11.
На другите два дуела од 2.коло од групата Д: Данска – Естонија 50:82 и Швајцарија – Република Ирска 72:56.
Табела: Естонија 4 бодови, Белгија 4, Швајцарија 3, Данска 3, Македонија 2, Република Ирска 2.
Утре во рамките на 3.коло Македонија ќе игра против селекцијата на Република Ирска.