Македонските борци во таеквондо до 17 години в петок ќе ги почнат своите настапи на Светското првенство во Бернаби, Канада. По тој повод денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција, на која беше претставен тимот и очекувањата од претстојниот настап.
Директорот на Агенцијата Марјан Спасески потенцираше дека овој олимписки спорт е во постојан подем, за што зборуваат резултатите од последни првенства од кои Македонските надежи редовно се враќаат со медали.
– Двајца од тројцата натпреварувачи се веќе носители на златни медали од Балканските првенства, што укажува дека имаме значаен потенцијал за остварување на врвни спортски резултати и од натпревар од повисок ранг. Во таа насока Агенцијата во континуитет дава поддршка на Таеквандо репрезентацијата на Македонија. Согласно меѓународната програма за настапи и развој на стручни кадри за 2016 година се префрлени 900.000 денари од кои 300.000 денари за настапот на нашите репрезентативци во Канада, информира Спасески.
На пресот свое излагање имаше и тренерот на Македонската репрезентација до 17 години Дарко Костовски кој изрази голема благодарност за огромната поддршка која Агенцијата ја дава за развој на таеквондо спортот во Република Македонија и даде уверување дека постои потенцијал во овој олимписки спорт.
Македонската репрезентација ќе настапи со тројца натпреварувачи и тоа Иван Крстевски во категорија -59 кг., Филип Додевски – 73 кг. и Дејан Георгиевски +78 кг.
– Со оглед на фактот дека е ова прво учество на Светско првенство очекувањата мора да бидат во границата на реалност, иако квалитетот на нашите натпреварувачи може позитивно да изненади и покрај фактот дека настапуваат 800 натпреварувачи од 100 држави во светот, рече Костовски.