Ракометната репрезентација на Македонија ја оствари третата победа, а со тоа обезбеди и пласман во осминафиналето на Светското првенство што се одржува во Катар.
По потешкиот пат македонските ракометари стигаа до триумфот над Босна и Херцеговина во дуелот од 2.коло на Б групата, со конечни 25:22, полувреме 13:11.
Нашата селекција одлично го отвори натпреварот не дозволувајќи му на противникот во првите седум минути да го совлада Борко Ристовски. Сепак, по водството 6:1 во 11. минута, црвено-жолтите влегоа во реализаторска криза од безмалку 8 минути. Тоа Босанците го искористија и во 18. минута прв пат поведоа со 7:6. Благодарение на бројните технички грешки кои ги направија противниците, избраниците на Ивица Обрван до крајот на првиот дел сепак успеаја да остварат предност, а на паузата заминаа со позитива од 2 гола (13:11).
Во второто полувреме, Босанците беа оние кои подобро започнаа, па веќе во 34. минута стигнаа до израмнување 14:14. Во продолжението откако неколку пати пропуштија можности за водство, конечно во 43. минута селекцијата на БиХ поведе со 18:17, пред се благодарение на очајната игра на нашите ракометари во нападот.
Клучниот момент се случи во периодот од 45-50 минута, кога нашите ракометари, иако имаа двајца играчи повеќе, сепак успеаја да направат серија 5:1 и поведоа во 22:19. Трите голови предност успеаја да ги сочуваат до крајот на средбата и со конечни 25:22 да ја остварат третата победа, а со тоа и обезбедат пласман во осминафиналето.
Најефикасен во нашата репрезентација беше Дејан Манасков кој постигна 6 голови. Дури петмина ракометари постигнаа по три гола: Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Немања Прибак, Гоце Георгиевски и капитенот Кирил Лазаров сите со удари од 7 метри.
Борко Ристовски средбата ја заврши со 12 одбрани.
Во вториот меч од Б групата, селекцијата на Хрватска го победи Иран убедливо со 41:22 со што популарните „Каубои’ ја остварија третата победа.
Сега Хрватите поради подобрата гол разлика се на првото место на табелата со 6 бодови, колку што има и Македонија на второто. По нив следуваат БиХ и Австрија со 4, а Иран и Тунис се без бодови.
Колото ќе го комплетираат Австрија и Тунис со средбата која ќе започне во 19 часот.