Голема беше радоста во таборот на Карпош Соколи по првата гостинска победа во АБА лигата против Унион Олимпија (97:92), во која јуначки одигра Драган Зековиќ, кој постигна 13 поени и седум скока, нешто што беше потврдено и од Бојан Трајковски на прес-конференцијата по натпреварот.
Македонскиот репрезентативец во суперлативи говореше за својот соиграч и откри тајна дека тој поради болест пропуштил неколку тренинга пред дуелот, а дека во „Стожице“ истрчал откако едвај станал од кревет поради исцрпеност.
– Ова е победа која нам многу ни значи, драстично повеќе во однос на нашиот противник. Не ни беше лесно, особено што во последните денови голем број од играчите не тренираа поради повреди и настинки. Но, собравме сили, дадовме се од себе и на крај успеавме да триумфираме. Секоја чест за Зековиќ, покажа карактер и огромно срце, едвај стана од кревет пред натпреварот, но одигра маестрално. Начинот на кој играше тој ни даде дополнителен мотив да истрчаме на паркетот и да се „истепаме“ со ривалот за да дојдеме до толку посакуваната прва победа на гостински терен. Се бориме за опстанок, гледаме какви резултати се случуваат деновиве и ова е голем исчекор кон тоа. На крајот, би сакал триумфот да му го посветам на мојот син од причина за која, сепак, не би сакал сега јавно да говорам, изјави Трајковски по средбата.