Селекторот на младата ракометна репрезентација на Македонија, Илија Темелковски ќе има сериозни проблеми за последните два натпревари на црвено-жолтите на Мундијалот. По елиминацијата во четвртфиналето од Франција, нашите ракометари викендов ќе ги играат последните два меча и тоа за пласман од 5 до 8 место без тројца свои ракометари.
Поради повреда на рамото за Горан Крстевски, Мундијалот најверојатно е завршен, Филип Арсеновски кој го пропушти вчерашниот дуел против Франција има повреда на зглобот на ногата, додека пак Нелоски, кој игра под инекции ќе биде во составот, но дали ќе влезе во игра останува да биде познато пред утрешната средба.
„Не верувам дека Крстевски ќе може да настапи на мечот со Русија. Не сум многу оптимист и дека ќе го имаме и на последниот меч. Ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата. Арсеновски има повреда на зглобот на ногата. Се повреди на натпреварот со Алжир. Мислевме дека ќе може да игра со Франција, но кога облече патика, стана јасно дека нема да игра. И за него не сум оптимист дека ќе биде подготвен за саботната средба, изјави за „Г-спорт“, селекторот на Темелковски.
Но, и покрај проблемите со кои се соочува, селекторот ветува борба до последен атом сила.
„Без разлика на се, не е сеедно дали ќе бидеме петти или осми. Сакаме што подобар резултат. Мораме да се бориме до последен момент без разлика на резултатот”, дополни Темелковски. Денес е слободен ден и ракометарите нема да тренираат, туку ќе се обидат да се рекуперираат за последните натпревари.
Македонија и Русија играат утре со почеток во 13.30 часот, во зависност од крајниот резултат ќе вкрстиме со Тунис или пак Унгарија