Татко и син струмичани прелетаа половина свет за да ја бодрат македонската фудбалската репрезентација

Од:

Струмичанецот Ѓорги Нецев, поранешен фудбалски судија и голем заљубеник во најважната споредна работа на светот, заедно со неговиот 14-годишен син, Лука, прелетаа половина свет за да можат да го следат првото учество на македонската фудбалска репрезентација на едно Европско првенство. Ѓорги повеќе од 12 години живее и работи со семејството во Масачусетс, САД, но ниту коронавирусот, ниту тешката можност да допатува до Букурешт, не го спречија да ја сподели големата радост и да ги гледа во живо најдобрите македонски фудбалери.

Имено, во договор со брат му Борис, кој живее и работи во Струмица и кој бил задолжен за набавка на билети за натпреварите, се договориле да се најдат во главниот град на Романија. Но, желбите се едно, а реалноста сосема друга.

– Најпрвин имавме купени авиобилети од Бостон до Франкфурт, па оттаму до Виена и да стасаме во Букурешт. Но, летот се откажа и во последен момент најдовме билети за Истанбул и оттаму до Букурешт и стасавме вечерта пред најважниот натпревар за нашата репрезентација, кусо ни раскажа Ѓорги, кој завчера го затекнавме на заминување од Струмица.

Приказната ја продолжи брат му Борис. Тој заедно со син му Васил и шурата на брат му, Александар Мавров, тргнале од Струмица и беа дел од историските настапи на репрезентацијата. По завршувањето на натпреварите во Букурешт со Австрија и Украина, се нашол на маки како да обезбеди превоз за брат му и внук му.

– Буквално одевме од автобус до автобус и благодарение на разбирањето на нашите превозници и колегите навивачи успеавме да обезбедиме слободни места и да се вратиме во Струмица. Маките бргу ги заборавивме и поминавме неколку убави денови во нашата Струмица, вели Борис.

Договор за набавки на билети за ЕП паднал веднаш по победата над Грузија.

– Се јави брат ми од Америка и ми рече: „Како знаеш и умееш да обезбедиш билети, а јас го покривам другото“. Тие оттаму нарачаа дресови од „фан шопот“ на ФФМ и дојдоа подготвени да го бодрат нашиот Гоче и другарите. Другото веќе е историја, додава Борис.

По враќањето во родната Струмица, внукот Лука, кој тренира фудбал во САД и настапува во пионерска конкуренција, заедно со братучед му Васил, секој ден го чекале Горан Пандев да се појави во Струмица за да може да се фотографираат со него. Желбата им се исполнила завчера, а Лука се сретнал со својот идол.

Нецеви заедно кројат планови да бидат дел и од Светското фудбалско првенство кое треба да се одржи идната година во Катар. Веруваат дека нашата репрезентација има сили да избори учество на најголемото фудбалско натпреварување, а тие да ги бодрат македонските фудбалери.

Би можело да ве интересира

Канатларовски: Заслуживме бод, момците одиграа многу храбро и со голема пожртвуваност

Ана Ололовска

ВИДЕО: Фудбалерите со „Земјо Македонска“ го прославија пласманот во баражот за СП 2022

Ана Ололовска

Милевски: Фудбалерите ја оправдаа довербата, имаме потенцијал уште да напредуваме

Ана Ололовска

Пендаровски им честиташе на фудбалерите за победата против Исланд

Ана Ололовска

ВИДЕО: Историска победа на фудбалската репрезентација на Македонија

Ана Ололовска

ВИДЕО: Македонија со гол предност по првото полувреме

Ана Ололовска