Пред финалето на Копа дел Реј помеѓу Барселона и Реал Мадрид, главниот судија на натпреварот Рикардо Де Бургос Бенгоеткеа и судијата ВАР Пабло Гонзалес Фуертес одржаа прес-конференција.
Овојпат, поради зголемените притисоци и тензии, фокусот не беше само на играта – туку и на позицијата на судиите во шпанскиот фудбал.
Откако Де Бургос беше делегиран да го суди финалето, ТВ Реал Мадрид веднаш објави видео компилација од неговите наводни грешки на штета на нивниот клуб. Овој потег предизвика бурни реакции.
Арбитрите одлучно одговорија на критиките. Тие изјавија дека не биле нападнати само од Реал, туку и преку постојано проширената атмосфера на недоверба кон судиите во Шпанија.
„Искрено, тие видео материјали не ме засегаат. Нека прават што сакаат. Знам кои се моите обврски и на што треба да се фокусирам, не ми е гајле за се друго“, смирено изјави Де Бургос.
Од друга страна, Гонзалес Фуертес беше уште подиректен во своето излагање:
„Нас не влијае толку кажаното, колку последиците што ги предизвикуваат таквите изјави. Навредуваат и ни се закануваат анонимни луѓе на социјалните мрежи, без никаква контрола. Официјалните профили на клубовите дополнително ја поттикнуваат омразата кон нашата професија“, рече Фуертес, нагласувајќи дека е време за промени.
Фуертес вели дека судиите го изгубиле трпението и се подготвуваат за сериозни потези:
„Неодамна имавме состанок. Сфативме дека тоа повеќе не е така. Подготвуваме конкретни мерки. Повеќе нема да толерираме вакво однесување. Многу брзо јавноста ќе види за што се работи, а тоа ќе биде историски момент“, изјави шпанскиот судија, не наведувајќи премногу детали.
Неговиот колега Де Бургос целосно се отвори кон крајот на конференцијата, каде зборуваше за проблемите кои очигледно го мачат. Судијата Де Бургос беше многу емотивен:
„Ние правиме грешка како општество. Оваа клима на конфликт ќе има сериозни последици. Не знаеме кој сите ги прима овие пораки и како ги толкуваат. Ако не го запреме овој бран на омраза, ќе се соочиме со големи проблеми“, предупреди Де Бургос.
Емоциите кулминираа на самиот крај, па судијата на финалниот натпревар Барселона – Реал Мадрид мораше да ги брише солзите на крајот од својот говор.
„Кога детето ќе се врати од училиште и ќе каже дека му рекле дека татко му е крадец, тоа е ужасно тешко. Се што сакам е да го научам син ми дека татко му е чесен човек и да му покажам што значи да се биде судија. Би сакал сите да замислиме каде оди ова. Многу е тешко“, заклучи Де Бургос.