Капитенот Војдан Стојановски беше вистински лидер на кошаркарската репрезентација на Македонија во големата победа над Холандија со 78-72 по продолженија на натпреварот од „Трофеј Македонија“.
Стојановски, кој средбата ја заврши со 23 поени, потенцираше дека големата борбеност во одбраната и пожртвуваноста за секоја топка особено во вториот дел беше клучот за втората победа на црвено-жолтите на „Трофеј Македонија“.
– За разлика од првиот дел, во вториот многу се боревме. Беше тешко да се вратиме од негатива од 15 поени. Добро се држевме во одбраната. Бевме цврсти и фокусирани, добро покривавме и се боревме до крајот. Во нападот не одеше најдобро, но тоа не ме загружува бидејќи во тимот имаме доста напаѓачи, па не се грижам за реализацијата, кога ќе треба, таа ќе проработи. Секако недостасуваше и свежината на Теодор, но Стајиќ и Костовски ја дадоа сета енергија, па мислам дека добро ја извршија задачата, изјави Стојановски.
Селекторот Давидков по мечот со Холандија најави дека во денешниот меч против БиХ, кој решава која селекција ќе биде победник на „Трофеј Македонија“, ќе се обиде да ги одмори Стојановски и Александар Костовски, кои на изминатите два дуели едноставно се исцрпија.
Денешниот дуел меѓу Македонија и БиХ ќе се игра во терминот од 18 часот.