Тренерот на шампионската екипа Голден Стејт Стив Кер убеден е дека рекордот што неговата екипа го постави синоќа нема да биде соборен. „Воините“ регуларниот дел од сезоната го завршија со биланс 73-9 (победи-порази) што е најдобар скор во историјата на НБА лигата. Досегашниот рекорд го имаше екипата на Чикаго Булс остварен во сезоната 1995/96 со 72-10 (победи-порази).
– Ова е одличен начин да се заврши регуларниот дел од сезоната. Им реков на играчите дека рекордот нема да биде надминат, но не бев во право. Но, овој рекорд нема да биде соборен, изјави тренерот Кер.
Стив Кер инаку беше дел од генерацијата на Чикаго, која пред 20 години го постави рекордот тогаш како играч.
Прв ривал во плеј офот на Голден Стејт на патот до одбраната на титулата ќе им биде екипата на Хјустон, која последна обезбеди место во доигрувањето.