На спортистите од Русија и Белорусија можеби нема да им биде дозволено да се натпреваруваат на Олимписките Игри во Париз во 2024 година поради инвазијата на Москва во Украина, изјави високиот член на Меѓународниот олимписки комитет, Крег Риди. ИОК во февруари издаде упатства до управните тела на спортот за отстранување на спортистите од двете земји од меѓународните натпреварувања, а Белорусија беше искористена како лансирна рампа за руската инвазија, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“.
„Ќе треба да се донесе одлука за тоа што ќе се случи со секоја од овие две земји, а мојата претпоставка е дека општото чувство би било дека тие не треба да се натпреваруваат во Париз“, изјави поранешниот потпретседател на ИОК, Риди за британските медиуми.
Спортистите од Русија ќе ги пропуштат квалификациските настани за Париз како резултат на мерките кои се сега на сила, а претседателот на ИОК, Томас Бах, во мај изјави дека учеството на Русија е нејасно. Сепак, досега Рускиот олимписки комитет не е санкциониран од ИОК, ниту пак ИОК им забрани на руските членови да учествуваат на олимписките состаноци.
Од спортовите на олимписката програма, само велосипедизмот, тенисот и џудото им дозволија на Русите и Белорусите да продолжат да се натпреваруваат, но Риди рече дека се сомнева дека дури и на спортистите од тие спортови ќе им биде дозволено да учествуваат во олимписките квалификации.
Риди, поранешен претседател на Светската анти-допинг агенција (ВАДА), рече дека би било нереално да им се дозволи на спортистите да влезат во квалификациските натпревари откако ќе започнат.
Извор: Топспорт