Македонската репрезентација ја постигна и втората победа на ракометниот мундијал во Франција. Вечерва беше совладана селекцијата на Ангола со 31:22 (14:9).
На почетокот од дуелот нашите ракометари имаа минимално водство пред се благодарение на добрата одбрана бидејќи во нападот правеа многу грешки, а Ангола првиот гол го постигна во 8.минута. Но, слабата реализација продолжи и Ангола во 18.минута изедначи (5:5), по што селекторот Лино Червар мораше да побара тајм аут. Промена на резултатот немаше до 9:9 (24.минута) и Македонија секогаш имаше минимално водство. До крајот на првиот дел направивме серија од 5-0 за водство на полувремето од 14:9.
На почетокот на вториот дел Македонија во напад играше „7-6“, но следуваа грешки и Ангола го намали водството постигнувајќи три гола кога Македонија беше без голман. Брзо се врати Македонија во игра со серија од 4-0 и поведе со +6 (19:13). Нашата репрезентацијата првото двоцифрено водство го имаше во 51.минута – 25:15.
Најефикасен на дуелот беше Кирил Лазаров со 10 голови.
Во следното коло Македонија во понеделник од 17:45 часот игра против Словенија.
На другите два дуела од Б групата во Мец Словенија го победи Исланд минимално со 26:25, а Шпанија беше подобра од Тунис со 26:21. На табелата со по четири бодови се Словенија, Шпанија и Македонија, додека Исланд, Тунис и Ангола немаат бодови.