Ракометарите на Хрватска по шести пат вечерва ќе играат полуфинале, додека нивниот ривал Норвешка го игра своето прво. Хрватската репрезентација има една шампионска титула од 2003 година, а уште трипати беше поразена во финалниот дуел и ова е нова можност за оваа репрезентација да се избори за финалниот дуел.
Норвешка лани на Европското првенство во Полска беше најголемото изненадување со пласманот во завршницата и освојувањето на 4. место, откако во дуелот за бронзениот медал загуби токму од денешниот ривал со 31:24. Претходно во групата Норвешка ја победи Хрватска со 34:31. Двете репрезентации лани одиграа и натпревар на Олимписките квалификации во Данска, а победа од 27:21 постигна Хрватска.
Ова ќе биде 10. натпревар на овие две селекции, Хрватска има 5 победи, Норвешка 2 и два дуела завршиле нерешено.
Според оценките на ракометните аналитичари шансите за пласман на двете селекции во финалето се изедначени.
Полуфиналето ќе го судат Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни од Чешка, а почетокот на дуелот е во 20:45 часот.
Победникот од овој натпревар во недела во финалето ќе игра против Франција, додека поразениот утре ќе игра во натпреварот за бронзениот медал против Словенија.